НБ: Растот на економската активност поттикнат од домашната побарувачка

14

Фото: Pixabay

Растот на економската активност е поттикнат од домашната побарувачка, додека нето-извозот има мал негативен придонес, ова, меѓу другото, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка.

Во однос на најновите макроекономски показатели, според проценетите официјални податоци за БДП, економската активност во првиот квартал на оваа година бележи годишен раст од 4,1%, што е во согласност со очекувањата.

За вториот квартал од годинава, при ограничен обем на расположливи податоци, тешко е да се формира попрецизна оцена за состојбата во економијата. Засега, расположливите високофреквентни податоци за април упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, коишто се видливи преку натамошниот раст на индустриското производство и прометот во трговијата.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација во првите пет месеци изнесува 1,4%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за оваа година засега се оценуваат како урамнотежени.

Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, засега се расположливи податоците за надворешнотрговската размена за април, при што периодот од еден месец е краток за донесување посигурни констатации во овој домен. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на мај укажуваат дека нето-приливите од приватните трансфери се во согласност со очекувањата за вториот квартал. Остварувањата кај билансот на плаќања во првиот квартал од годинава посочуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на априлската проекција, но и подобри нето финансиски приливи од очекуваните за истиот период. Девизните резерви на крајот на мај се повисоки во однос на крајот на минатата година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на монетарните движења, по растот во април, првичните податоци за мај покажуваат мал месечен пад на вкупните депозити, којшто во најголем дел произлегува од падот на депозитите на претпријатијата и на останатите сектори, при мало намалување и кај депозитите на домаќинствата. На кредитниот пазар, во мај, продолжи месечниот раст на кредитите, движен од растот на кредитирањето на домаќинствата. Засега не се забележуваат поголеми отстапувања од очекуваната динамика на монетарните и кредитните агрегати.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банките се задржа на релативно стабилно и високо ниво, што придонесе и натаму банките да имаат ниска потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Во такви околности, банките и натаму го насочуваат вишокот слободни парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

На девизниот пазар во мај беше забележан сезонски раст на нето-побарувачката за девизи, којашто беше целосно задоволена од сопствените девизни средства на банките. Покрај тоа, во услови на флексибилно управување со девизните средства и обврски, банките еден дел од вишокот девизна ликвидност го насочија и на меѓубанкарскиот девизен пазар, поради што Народната банка и овој месец интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачки. Заклучно со мај, Народната банка откупи 72,5 милиони евра, со што и во првите пет месеци од оваа година централната банка е присутна на девизниот пазар само со откуп на девизи од системот.