НБ за оваа година проектира пад од 3,5%, а закрепнување следната година со 4,7% раст

38

Проекциите на Народната банка се дека економската активност на земјава ќе забележи пад од 3,5% оваа година, а се очекува економијата да закрепне следната година со раст од 4,7%, како и враќање кон среднорочните прогнози од 4% во 2022 година.

Монетарната власт очекува пад кај сите компоненти на бруто домашниот производ, освен кај јавната потрошувачка. Кај личната потрошувачка се предвидува пад од 4% поради пад на расположливиот доход во услови на неповолен пазар на труд и пад на приватните трансфери, забавување и на кредитната поддршка, зголемена неизвесност и воздржаност. Се очекува бруто инвестиции да забележат пад од 10% поради помали странски, но и домашни јавни и приватни инвестиции. Најголем пад од 17% се очекува кај извозот поради намалената странска побарувачка, застој во синџирите на снабдување и домашни рестриктивни мерки. Намалената лична и инвестициона побарувачка и падот на извозот, како што се наведува, ќе доведе и до пад на увозот од околу 15%.

Народна банка направи и надолна ревизија на инфлацијата за оваа и наредната година: на околу 0% за 2020 година (од 1,5% во октомври) и на 1,5% за 2021 година (од околу 2% во октомври).

Централната банка очекува забавување на депозитниот раст на 2,3%, а на кредитниот на 3% оваа година, а потоа постепено забрзување до околу 8%, односно 7%, соодветно, на среден рок.

Намалената економска активност, како што се наведува, ќе има неповолни ефекти врз перформансите на компаниите и доходот на населението, а со тоа и врз потенцијалот за штедење. Кредитната активност на банките ќе биде под доминантно влијание на оцените за изворите на финансирање и перцепциите за ризик.