НБРМ: Банките ја засилија кредитната поддршка на приватниот сектор во последниот квартал од 2015

16

Банкарскиот сектор ја засили кредитната поддршка на приватниот сектор во последниот квартал до 2015 година, покажува Кварталниот извештај на Народната банка на Македонија.

Кварталната стапка на раст на вкупните кредити на приватниот сектор, како што се наведува, изнесува 4,2% на крајот на декември, во споредба со стапката од 1,2% остварена во септември. Кредитниот прираст во последниот квартал изнесува 46,9% од вкупниот раст во годината и претставува вообичаена динамика на движење во последните две години.

На годишна основа, вкупните кредити во декември се повисоки за 9,5% (8,8% на крајот на септември). Искористеноста на депозитниот потенцијал за кредитирање на приватниот сектор се намали и покрај посилниот раст на вкупните кредити.

Кредитирањето на секторот домаќинства растеше и во последното тримесечје, но растот и натаму забавува. Во четвртиот квартал на 2015 година, кредитите на населението се повисоки за 2,5% во однос на крајот од претходното тримесечје. Во однос на кредитите одобрени на корпоративниот сектор, тие забележаа силен квартален раст од 5,7%, наспроти падот од 0,4% во претходниот квартал.