НБРМ: Банките ликвидни, помалку кредити за фирмите

20

58046Според објавените податоци на Комитетот за оперативна монетарна политика при Народната банка на Република Македонија, годишниот раст на инфлацијата продолжи да забавува и во август изнесуваше 2,8%.

Показателите за економската активност упатуваат на раст на БДП за второто тримесечје, условен од растот на индустриската и градежната активност, иако со нешто поумерена динамика од претходното тримесечје.

Првичните податоци за кредитните текови, во август покажуваат месечна стагнација на кредитната активност, при пад на кредитирањето на корпоративниот сектор и понатамошен раст на кредитната поддршка на секторот население.

Се оценува дека ризиците околу проекцијата на кредитите остануваат претежно надолни, во услови кога бавното и неизвесно економско закрепнување креира поголема воздржаност на банките за кредитирање.

Негативен ефект врз кредитниот раст имаат и конзервативните стратегии на некои банкарски групации коишто со свои ќерки се присутни на домашниот пазар. Месечниот раст на депозитите во банкарскиот систем забрза во август, но и понатаму депозитниот потенцијал се зголемува со побавна динамика од очекуваната.

Ликвидноста на банкарскиот систем во август се зголеми под влијание на автономните фактори, во најголем дел заради реализираните девизни интервенции.

Во согласност со сезонските движења, но и под влијание на позитивните економски текови, во третиот квартал на 2013 година на девизниот пазар беше зголемена понудата на девизи, што услови подобрување на девизните позиции на банките, интервенции во насока на откуп на девизи од страна на Народната банка и дополнителна акумулација на девизните резерви.

За надминување на ликвидносните флуктуации, банките активно ги користеа монетарните инструменти, а на пазарот на депозити, меѓубанкарските трансакции беа со рочност до еден месец.

Во септември 2013 година во сила стапија последните измени кај инструментот задолжителна резерва, донесени од страна на Народната банка кои обезбедуваат натамошна поддршка на растот на штедењето во домашна валута и стимулирање на прилив на странски капитал во домашната економија, како дополнителен извор за финансирање на банкарскиот систем.

Овие измени претставуваат континуитет на мерките што ги презема Народната банка кај инструментот задолжителна резерва, поради олабавување на монетарните услови и создавање простор за зголемување на кредитната поддршка на приватниот сектор.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено дека каматната стапка на основниот инструмент, благајничките записи, е поставена на соодветно и ниско ниво. Следствено, таа се задржа на 3,25%, а на аукцијата е одлучено да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ.