НБРМ: Банките пред предизвик да ја вратат нарушената доверба

11

Враќањето на нарушената доверба на јавноста е главниот предизвик пред којшто се исправени банките во следниот период, што во голема мера зависи од евентуалното конечно надминување на негативните ефекти од нестабилниот домашен амбиент и стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, покажува Извештајот на Народната банка на Република Македонија за ризиците во банкарскиот систем на Македонија во вториот квартал.

“Со враќањето на претходно повлечените депозити назад во банкарскиот систем и забрзаното привлекување нови заштеди се помага за одржување на стабилноста на банкарскиот систем и за зајакнување на неговата основна функција – финансиско посредување меѓу штедачите и кредитокорисниците. Од друга страна, ефикасното финансиско посредување спроведувано од сигурен и стабилен банкарски систем претставува битен предуслов за иден забрзан економски раст и развој“, стои во Извештајот.

Намалување на депозитите, во вториот квартал од 2016 година, е присутно во речиси сите сегменти од депозитното портфолио на банките, но беше повеќе изразено кај денарските депозити од домаќинствата и истовремено проследено со извесна валутна трансформација на денарските депозити, спротивно на неколкугодишниот тренд на постојана денаризација на депозитите во банките.

Ваквите движења, како што се наведува, проследени со раст на побарувачката за девизи на менувачкиот пазар, наметнаа потреба од извесно заострување на монетарната политика, изразено преку зголемување на каматната стапка на благајничките записи и стапката на задолжителна резерва за обврските на банките, во денари со девизна клаузула.

Намалувањето на депозитите во банкарскиот систем немаше, како што се наведува, позначителни преносни ефекти врз кредитната активност на банките. Доколку се изземат ефектите од пренесувањето на дел од целосно резервираните нефункционални кредити во вонбилансната евиденција, коешто е задолжително за банките најдоцна до 30-ти јуни 2016 година, а во услови на едно од највисоките повлекувања на депозити во последните 15-тина години, кредитите бележат солиден квартален раст од 2,4%.

Поголемиот дел од кредитите во вториот квартал беа насочени кон домаќинствата, во форма на потрошувачки и станбени кредити, но значителна е и кредитната поддршка и за компаниите од трговијата, како и од градежништвото и од стручните, научните и техничките дејности, коишто се главни носители на годишниот раст на БДП во вториот квартал од 2016 година.

Во второто тримесечје од 2016 година, нефункционалните кредити бележат позначителен пад, најмногу под влијание на измената во регулативата на Народната банка, според која најдоцна до 30 јуни 2016 година банките имаа обврска да ги пренесат во вонбилансна евиденција сите побарувања коишто се целосно резервирани подолго од две години. По задолжителното “чистење“ на кредитните портфолија од старите и целосно расходувани нефункционални кредити, се подобрија показателите за квалитетот на кредитната изложеност на банките, каде што учеството на нефункционалните во вкупните кредити се спушти до нивото од 7,5%.

Сепак, доколку се изземат ефектите од пренесувањето на дел од целосно резервираните нефункционални кредити во вонбилансната евиденција на банките, квалитетот на кредитното портфолио бележи извесно влошување, коешто е концентрирано кај корпоративните кредити. Од друга страна, зголемувањето на нефункционалните реструктурирани кредити во вториот квартал од 2016 година, апсолутно и како процент од вкупните реструктурирани кредити, упатува на намалена успешност на банките во приспособувањето на договорните услови на кредитите кон моменталните тешкотии на клиентите.

Сепак, ризикот за сопствените средства на банките од евентуално остварување на кредитниот ризик од нефункционалните кредити не е висок, поради нивната висока покриеност со издвоената исправка на вредноста, но и поради задоволителниот обем и квалитет на сопствените средства на банките.