НБРМ: Банките шест месеци по ред имаат вишок девизна ликвидност

17

Шест месеци по ред банките во земјава имаат вишок девизна ликвидност, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.

“Заклучно со последните податоци од декември, веќе шест месеци по ред банките имаат вишок на девизна ликвидност, што овозможи интервенции на Народната банка за откуп на девизи во вкупен износ од 135 милиони евра. Со ова во целост се надополни делот од девизните резерви којшто беше искористен за стабилизација на курсот во периодот на шокот во април/мај. Високиот откуп на девизи во овој период од страна на Народната банка се должи на поволните движења на девизниот пазар на банките во трансакциите со клиентите“, стои во соопштението на НБРМ.

Во овој пазарен сегмент вкупната понуда на девизи беше повисока од вкупната побарувачка на девизи, при годишен раст на понудата на девизи од фирмите и годишно намалување на побарувачката од страна на фирмите. Воедно, кај сегментот со останатите клиенти има годишен раст на откупот на девизи од менувачниците, нерезидентите и физичките лица. Интервенциите на Народната банка за откуп на девизи придонесоа за значително подобрување на денарската ликвидност на банките, коишто вишокот средства го насочија кон краткорочните расположливи депозити кај Народната банка, при што нивната состојба достигна високо ниво.

Најновите податоци за девизните резерви во ноември покажуваат намалување, како резултат на редовното намирување на достасаните обврски на државата кон надворешните кредитори и достасувањето на девизни депозити на домашните деловни банки пласирани кај НБРМ во периодот од мај 2016 година наваму. Од друга страна, интервенциите на НБРМ делуваа во насока на раст на девизните резерви, што упатува на поволни платнобилансни текови. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци, за четвртиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит е нешто понизок од очекувањата, а нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, е во рамки на очекувањата.

Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, како што се наведува, е видливо и преку промените кај депозитната база на банките. Првичните податоци за ноември покажуваат понатамошен солиден раст на вкупните депозити. Придонес за позитивните остварувања на депозитите имаат и двата сектора, и населението и корпоративниот сектор. Во ноември, растот на вкупната депозитна база на банките изнесува 4,4% на годишна основа и упатува на движења коишто се во рамки на очекувањата.

Податоците за кредитниот пазар во ноември, исто така, се поволни и покажуваат месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, што доаѓа по нивното намалување во претходниот месец. Анализирано од секторски аспект, растот произлегува од зголеменото кредитирање на населението, при благ пад на кредитирањето на корпоративниот сектор. Кредитните текови во периодот октомври – ноември се послаби од проектираните за последното тримесечје, но со оглед на стабилизирањето на состојбите и растот на депозитната база, во следниот период е можна побрза динамика на кредитен раст.