НБРМ: Банките со повисока добивка за една третина во 2016 година

13

nbrm-logo-pocetna

Во 2016 година, банките прикажаа за една третина повисок износ на добивка од работењето споредено со претходната година, покажува Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Македонија во 2016 година на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Во 2016 година, банките прикажаа за една третина повисок износ на добивка од работењето споредено со минатата година, што им овозможи да продолжи трендот на зголемување на нивната профитна маргина, како и на стапките на поврат на капиталот (13,6%) и средствата (1,5%). Подобрувањето на профитабилноста на банките најмногу произлегува од позначителното намалување на каматните расходи, при само скромен раст на каматните приходи, што е особено видливо при финансиското посредување со секторот „домаќинства‟. Намалувањето на исправката на вредноста, особено за нефинансиските (преземени) средства, претставува втор најважен двигател на високата профитабилност на банкарскиот систем. Исто така, за одбележување е и постојаното подобрување на оперативната ефикасност на банките“, стои во Извештајот на НБРМ.

Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем забележаа извесно намалување, коешто најмногу произлегува од побрзиот раст на актива пондерирана според ризиците. Освен од растот на кредитната активност на банките, зголемувањето на активата пондерирана според ризиците произлегува и од воведените регулаторни мерки, со примена од 1.1.2016 година, со цел запирање на прекумерниот раст на изложеноста врз основа на одделни кредитни производи наменети за финансирање на домаќинствата (кредитните картички, дозволените пречекорувања, како и потрошувачките кредити со рочност еднаква или подолга од осум години).

Стапката на адекватност на капиталот на крајот од 2016 година е висока, изнесува 15,2% (15,5%, на 31.12.2015 година) и овозможува доволен простор за апсорбирање на евентуалните неочекувани загуби за банките. Во насока на покривање на изложеноста на банките на ризиците од работењето, поволен факт е доминантното учество на основниот (најквалитетниот) капитал (90,9%) во структурата на сопствените средства на банките, како и тоа што половина од сопствените средства се “слободни“, над законскиот минимум потребен за покривање на ризиците. Новите измени на Законот за банки, донесени во октомври 2016 година, кои започнаа да се применуваат од март 2017 година, значат битно осовременување на регулативната рамка, преку воведување на новите правила на Базелскиот комитет и Европската регулатива за т.н. заштитни слоеви на капиталот, чиешто исполнување дополнително ќе ја поткрепи солвентноста на банките.

При крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, во услови на зголемен вишок на креирана ликвидност и смирување на состојбите на депозитниот и девизниот пазар, Народната банка пристапи кон нормализирање на монетарната политика како резултат на постепеното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и натамошно задржување на оцените за стабилноста на темелите на домашната економија. Народната банка ја зголеми понудата на благајничките записи, а изврши и намалување на нивната каматна стапка во три наврати, со што основната каматна стапка се врати на нивото од почетокот на 2016 година (3,25%). Исто така, од октомври 2016 година, Народната банка престана да одржува аукции за девизни депозити, коишто беа реактивирани во мај 2016 година, во екот на турбулентните случувања на девизниот и на депозитниот пазар. Меѓутоа, домашните ризици поврзани со неизвесноста во дневнополитичкиот амбиент, се сѐ уште актуелни и претставуваат значаен фактор на ризик за идните остварувања на банкарскиот сектор.