НБРМ: Депозитите на домаќинствата најголем извор на финансирање на банките

16

nbrm-logo-pocetna

Депозитите на домаќинствата ја задржаа улогата на поединечно најголем извор на финансирање на активностите на банкарскиот систем со учество од 49,7% во вкупната пасива, беше истакнато на седница на Советот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Депозитите од нефинансиските субјекти, по остварениот пад во првата половина од 2016 година, во второто полугодие започнаа да се движат по нагорна линија и на годишна основа забележаа солиден раст од 5,4%, иако нешто побавен во споредба со 2015 година, кога тој изнесуваше 6,7%. Депозитите од нефинансиските друштва дадоа двојно повисок придонес во годишниот раст на депозитите, во споредба со домаќинствата. Сепак, депозитите на домаќинствата ја задржаа улогата на поединечно најголем извор на финансирање на активностите на банкарскиот систем со учество од 49,7% во вкупната пасива“, стои во соопштението на НБРМ.

До крајот на 2016 година, постепеното закрепнување на депозитната активност, во комбинација со дадената можност за пласирање девизни депозити на банките кај Народната банка по повисоки каматни стапки, споредено со стапките што се добиваат од странските банки, влијаеја во насока на зголемување на склоноста на банките за вложување во ликвидни финансиски инструменти. Така, во 2016 година, ликвидните средства на банкарскиот систем се зголемија за 3,5%, наспроти остварениот мал пад во 2015 година, што придонесе за одржување на показателите за ликвидност на нивоа слични на оние од крајот на 2015 година, а показателите за девизната ликвидност на банкарскиот систем дури забележаа и извесно подобрување.

Нестабилноста во домашниот амбиент и турбуленциите на депозитниот пазар имаа постепени преносни ефекти и врз кредитната активност на банките. Кредитите на банките ја завршија годината со раст од само 1,2%, што е значително послабо остварување во споредба со претходната година кога тој изнесуваше 9,7%.

Сепак, движењата на кредитите во голема мера беа условени од измената во постојната регулатива од страна на Народната банка, според која, најдоцна до 30 јуни 2016 година банките имаа обврска да ги “исчистат” кредитните портфолија од сите побарувања коишто се целосно резервирани подолго од две години. Доколку се изолираат ефектите од овие регулаторни промени, на крајот на 2016 година годишната стапка на раст на кредитната активност на банките изнесува 6%, што е повторно пониско споредено со 9,7% колку што изнесуваше во 2015.

Учеството на нефункционалните во вкупните кредити се спушти до нивото од 6,6% на 31 декември 2016 година. Ризикот за сопствените средства на банките од евентуално остварување на кредитниот ризик од нефункционалните кредити не е висок, поради нивната висока покриеност со издвоената исправка на вредноста од 80,9%, но и поради задоволителниот обем и квалитет на сопствените средства на банките.

Во 2016 година, банките прикажаа за една третина повисок износ на добивка од работењето споредено со минатата година, што овозможи да продолжи трендот на зголемување на нивната профитна маргина, како и на стапките на поврат на капиталот и средствата. Подобрувањето на профитабилноста на банките најмногу произлегува од позначителното намалување на каматните расходи, при само скромен раст на каматните приходи. Исто така, за одбележување е и континуираното подобрување на оперативната ефикасност на банките.

Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем забележаа извесно намалување, кое што најмногу произлегува од побрзиот раст на актива пондерирана според ризиците. Сепак, стапката на адекватност на капиталот на крајот од 2016 година е висока и изнесува 15,2%, наспроти 15,5% на крајот од 2015 година и овозможува доволен простор за апсорбирање на евентуалните неочекувани загуби за банките. Во насока на покривање на изложеноста на банките на ризиците од работењето, исклучително поволен факт е доминантното учество на основниот капитал во структурата на сопствените средства на банките.