НБРМ: Една третина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови за фирмите во првиот квартал

22

nbrm-logo-pocetna

Околу една третина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови за одобрување кредити на претпријатијата во првото тримесечје, покажува Анкетата за кредитна активност на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Во првиот квартал на 2017 година се забележува натамошно нето-олеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, што соодветствува и со очекувањата на банките дадени во рамки на претходната анкета. Околу една третина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови за одобрување кредити на претпријатијата во првото тримесечје. Исто така, поголемиот дел од банките упатуваат на непроменети кредитни услови, додека една банка укажува на делумно заострени кредитни услови. За наредните три месеци банките упатуваат на нето-олеснување на кредитни услови на сите типови корпоративни кредити, но умерено послабо во споредба со очекувањата од минатата анкета“, стои во Анкетата на НБРМ.

Оценетото нето олеснување на кредитните услови во првиот квартал и натаму произлегува од позначителното нето олеснување кај каматната стапка и некаматните приходи, но умерено послабо во споредба со претходните оценки. Кај останатите услови поврзани со големината на заемот или на кредитната линија, барањата за обезбедување и условите поврзани со достасување на заеми, олеснувањето е со сличен интензитет како и во минатата анкета.

Во однос на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување корпоративни кредити, конкуренцијата од другите банки и ликвидносната позиција на банките и натаму имаат најзначителен индивидуален придонес кон олеснувањето на вкупните кредитни услови, но значително послабо во споредба со минатата анкета.

Во рамки на останатите фактори поврзани со трошоците на финансиските средства и на билансните ограничувања на банките, слично на оцените од претходната анкета, пристапот на банката до пазарното финансирање стимулативно влијае врз кредитните услови, додека трошоците поврзани со капиталната позиција на банката умерено придонесуваат за нето олеснување на условите за кредитирање, наспроти постојаното неповолно влијание од третиот квартал на 2013 година, наваму.

Останатите фактори поврзани со конкуренцијата и натаму имаат неутрално влијание врз условите за одобрување корпоративни кредити. Во однос на факторите поврзани со согледувањата за ризикот, во првото тримесечје се забележува натамошно стабилизирање на согледувањата на банките за ризиците, при што најголемиот дел од банките оценуваат дека овие фактори имаат неутрално влијание врз кредитните услови. Притоа, по подолг временски период, дел од банките оценуваат дека очекувањата за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието придонесуваат кон мало нето олеснување на вкупните кредитни услови.