НБРМ: Економијата закрепнува солидно и со поддршка од домашните банки

18

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка на Македонија.

Економското закрепнување, како што се наведува, се одвива без ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно беше оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Континуитетот на растот на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, со исклучок на градежните работи, коишто при висока споредбена основа и понатаму бележат годишен пад. Досегашните движења кај показателите за економската активност упатуваат на можност за нешто поголем раст во 2014 година од очекуваниот.

Во отсуство на нови податоци за инфлациските остварувања од почетокот на 2015 година, промените во надворешните претпоставки продолжуваат да упатуваат на надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2015 година. Овие оцени ги одразуваат февруарските ревизии на светската цена на нафтата коишто предвидуваат значително подлабок пад на цената на нафтата во 2015 година споредено со октомвриската проекција.

Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст од почетокот на годината, при поволни движења на девизниот пазар, каде што во континуитет на декемвриските остварувања и во јануари НБРМ реализира нето-откуп на девизни средства. Промените кај девизните резерви од почетокот на годината се во рамки на октомвриската проекција, а показателите за адекватноста на резервите и натаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови.

Во однос на кредитниот пазар, првичните декадни податоци за кредитниот пазар во јануари покажуваат мало намалување на кредитите на месечна основа, што доаѓа по силниот кредитен раст остварен во последниот квартал на 2014 година, особено во декември. Месечното намалување на кредитите резултира од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, што не е невообичаено за првиот месец од годината, и навестува можна привременост на ваквите поместувања. Кредитите на домаќинствата продолжија да растат на месечна основа со слична динамика како во претходниот месец.

Во јануари, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се зголеми, така што банките имаа зголемен интерес за пласирање на вишокот ликвидни средства во депозити кај НБРМ. Во такви услови, тргувањето на пазарите на пари беше релативно ниско. На девизниот пазар, беа регистрирани стабилни движења, а НБРМ интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи.

Почетокот на 2015 година на меѓународен план беше одбележан со зголемување на пазарната неизвесност како резултат на заострување на односите помеѓу Грција и евро-зоната во пресрет на вонредните парламентарни избори.