НБРМ го усвои Стратегискиот план за период од 2017 до 2019 година

16

Определбата за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржувањето на финансиската стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет, ќе бидат главниот стожер на активностите на Народната банка, беше истакнато на седмата седница на Советот на Народната банка на Македонија.

На оваа седница беше усвоен Стратегискиот план на НБРМ за периодот од 2017 до 2019 година.

Стратегискиот план за 2017 – 2019 година претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката и истражувачката дејност. Покрај тоа, Народната банка и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставување на најновите технолошки иновации во деловните процеси, ефикасно управување со ризиците и на развивање на соработката со домашните и странските институции.

Советот, на денешната седница, ја донесе и Програмата за истражувачката активност во периодот 2017-2019 година. Истражувачката активност на Народната банка на Република Македонија во периодот 2017 – 2019 година ќе биде насочена кон области коишто се од значење за остварувањето на нејзините основни и други цели и на зајакнувањето на институционалниот капацитет. Предвидените истражувања треба да дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочувањето со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат и кон натамошно осовременување на работењето во Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки.

Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели Владимирска од серијата Икони на Пресвета Богородица. Оваа кована пара е со апоен од 100 денари во количина од 7.000 парчиња.