НБРМ: Градежниот сектор со поповолни очекувања за обемот на нарачки и вработени

21

Раководителите на претпријатијата во градежниот сектор формираа поповолни очекувања во поглед на обемот на нарачки, како и во однос на бројот на вработени, стои во Кварталниот извештај на Народната банка на Македонија.

“Овие очекувања на раководителите се во согласност со најновите податоци за движењата во градежниот сектор во јули кога е забележан двоцифрен годишен раст на вредност на извршени градежни работи“, стои во извештајот.

Во вториот квартал на годината, како што се наведува, продолжи годишниот раст на додадената вредност во градежништвото, но засилено, а истовремено се забележува и забавување на кварталниот пад.

“Од аспект на типот на градежни објекти, годишниот раст се објаснува со растот на изградбата во доменот на нискоградба, станбените згради и хидроградба. Поволните годишни поместувања во овој сектор во вториот квартал од годината соодветствуваат со резултатите од Анкетата за деловните тенденции во градежништвото, според која сегашната деловна и финансиска состојба во претпријатијата е оценета како поповолна во однос на истиот период од минатата година“, стои во извештајот на НБРМ.

Сепак, како што стои во извештајот, и во овој квартал раководителите нагласуваат неколку фактори коишто го ограничувале растот на градежната активности како недостиг на обучен кадар, зголемените трошоци за труд и зголемените финансиски трошоци.