НБРМ: Измени на Одлуката за задолжителна резерва

33

Советот на Народната банка на Република Македонија во четвртокот одржа својата тринаесетта седница. На седницата беше разгледана и усвоена Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка. Со оваа одлука, којашто се носи заради усогласување со изменувањето и дополнувањето на Законот за девизното работење од 12 јуни 2015 година, се утврдуваат условите коишто треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство за да можат домашните деловни банки да вложуваат во нив. Кредитниот рејтинг, определен од една од трите меѓународно признати агенции за кредитен рејтинг, и натаму останува основниот услов за да може домашна деловна банка да вложува во одредена хартија од вредност во странство. Исто така, доколку хартијата од вредност престане да ги исполнува пропишаните услови, се определува рок од максимум три месеци во кој домашната деловна банка треба да ја отуѓи странската хартија од вредност или да ја затвори позицијата во странски деривативен финансиски инструмент, стои во соопштението објавено на интернет страната на банката.

На седницата беше усвоена и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за воведување посебни заштитни мерки. Со предложената Одлука се вршат две измени во посебните заштитни мерки со кои се ограничува одливот на капитал кон грчки субјекти. Имено, се исклучува забраната за кредитното осигурување, поаѓајќи од Законот за супервизија на осигурувањето дека правните лица и физичките лица кои вршат дејност и граѓаните во Република Македонија, се осигуруваат во осигурителна компанија основана според тој закон. Исто така, се дозволува плаќање аванс на дивиденда на нерезиденти од Република Грција, само доколку плаќањето се врши во согласност со закон, за што правното лице, резидент на Република Македонија коешто исплаќа аванс на дивиденда, треба да достави соодветен доказ до овластената банка.

Во насока на поттикнување на подолгорочното штедење на домаќинствата во домашна валута и создавање простор за засилување на кредитната активност кај банките, на седницата на Советот на Народната банка беше донесена Одлуката за изменување на Одлуката за задолжителната резерва. Со измените се врши намалување на стапката на задолжителната резерва за обврските на банките кон физички лица во домашна валута со договорна рочност над една година, од 8% на 0%, со што овие обврски добиваат ист третман како и обврските над две години, за кои веќе се применува стапка 0% од 2012 година. Имајќи предвид дека со измената банките се ослободуваат од задолжителната резерва за депозити на физички лица во денари со рочност повисока од една година, се очекува оваа мерка соодветно да влијае врз поголема понуда на штедни производи во денари со стимулативни каматни стапки.

Покрај тоа, заради засилување на ефективноста на мерките кај системот на задолжителната резерва во функција на поддршка на денарското штедење, на седницата на Советот беше донесена и Одлуката за изменување на Одлуката за благајнички записи. Со неа се предвидува приспособување на механизмот на учество на аукцијата на благајнички записи на Народната банка, каде што основен критериум ќе биде поединечното учество на банките во вкупните обврски во домашна валута без валутна клаузула на банкарскиот систем. Со измените, Народната банка го задржува континуитетот на поддршка на штедењето на физичките лица во домашна валута и на подолг рок, што им остава простор на банките за активна кредитна поддршка на приватниот сектор.

На седницата Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и Одлуките за издавање на кованите пари за колекционерски цели „Александар’’, „Ана’’, „Димитар’’ и „Елена’’ и Одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели „Александар’’ и „Ана’’ од серијата „Ден на Ангел’’. Овие ковани пари се со апоен од 100 денари, изработени во 5.000 парчиња.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.