НБРМ ја пушти во оптек новата кована пара Близнаци

23

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека е издадена и пуштена во оптек кованата пара за колекционерски цели Близнаци од серијата Хороскопски знаци. Кованата пара Близнаци од серијата Хороскопски знаци ги има следниве карактеристики: 

На аверсот, во централниот дел на монетата се прикажани четири атласа коишто го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци. На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездието Близнаци. Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање на монетата – 2018. Исто така, прикажани се и натписи на македонски јазик: Република Македонија и 100 денари.

На реверсот, во горниот дел од монетата е претставена слика на близнаци од ѕвездениот атлас Firmamentum Sobiescianum, создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на хороскопскиот знак близнаци и неговото соѕвездие, претставена на монетата, преминува и на вметнатото кобалтно стакленце. Во горниот дел од монетата е претставен симболот на хороскопскиот знак близнаци. Во долниот дел е претставена златна слика на близнаци, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот Систем. На десната страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак – GEMINI, а на левата страна, ознаката Ag 925.

Кованата пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 23,30 г, чистота на среброто од 19,43 г, во квадратна форма со димензии 37 х 37 мм, полирани со позлата и вметнато кобалтно стакленце со димензии 18,4 х 6,1 мм.

Цената на кованaтa парa Близнаци изнесува 2.800 денари.