Каматната стапка на вкупните кредити во декември 2017 година изнесува 5,7% и во последните два месеца бележи надолна тенденција, со месечен пад од 0,1 процентни поени, додека, каматната стапка на вкупните депозити е стабилна, задржувајќи се на нивото од 1,5% во последните шест месеци.
Според податоците на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), каматната стапка на новоодобрените кредити на крајот од 2017 година на месечна основа е намалена за 0,2 процентни поени, сведувајќи се на ниво од 4,9%. Наспроти ова, просечната каматна стапка на новопримените депозити остана на нивото од 1,3%, без месечни промени.
Овој месец, каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 5,1% и во однос на ноември бележи пад од 0,2 процентни поени. Во декември, просечната каматна стапка по која се одобрувале кредитите на корпоративниот сектор е 4,7%, што претставува намалување од 0,2 процентни поени на месечно ниво.
Каматната стапка на вкупните примени депозити од корпоративниот сектор во декември изнесува 1,8%. На годишна основа, оваа каматна стапка бележи намалување од 0,3 процентни поени.