НБРМ: Ликвидноста на банките стабилна и во декември

22

Ликвидноста на банките во декември се задржа на релативно стабилно и високо ниво, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Во такви околности, банките пласираа дел од вишокот средства во расположливи депозити кај Народната банка, а тргувањето на пазарот на пари регистрираше умерен пад на месечна основа. На девизниот пазар беше регистриран вообичаен сезонски раст на побарувачката на девизи од страна на клиентите. Во услови на засилена побарувачка и умерен пад на нето девизната позиција на банките во првата половина од месецот, девизниот курс имаше умерен нагорен тренд, при што дел од побарувачката беше надоместен преку интервенции од страна на Народната банка. Со зголемување на понудата кон крајот на месецот, главно како сезонски ефект од повисока понуда на менувачкиот пазар, курсот на меѓубанкарските трансакции имаше надолен тренд до крајот на годината“, се вели во соопштението на НБРМ.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за декември покажуваат силен месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, при што кредитната поддршка во голем дел беше насочена кон корпоративниот сектор, а во помал дел и кон секторот „население“. Со тоа, кредитите на приватниот сектор продолжија да растат со солидна годишна стапка на раст, којашто е повисока од очекуваната со октомвриските проекции.

Се очекува кредитната поддршка на корпоративниот сектор којашто беше присутна во декември да продолжи и во наредниот период, делумно поддржана и од последните мерки што ги презеде НБРМ, а коишто се целни и со макропрудентен карактер. Така, во декември беа донесени сет мерки, коишто би требало да придонесат за ограничување на ризиците од високиот раст на долгорочните потрошувачки кредити врз финансиската и макроекономската стабилност, од една страна и олеснување на пристапот до финансирање за корпоративниот сектор и поефикасно управување со кредитниот ризик од страна на банките, од друга.

Во декември беше забележан и висок месечен раст на вкупните депозити, поддржан и од депозитите на претпријатијата и од депозитите на населението, каде што се забележува поголем раст на штедењето во денари. Декемвриските остварувања кај депозитите придонесоа за зголемено штедење во банките во однос на проекциите од октомври, што заедно со зголемувањето на склоноста за штедење во денари упатува на одредено стабилизирање на очекувањата на економските субјекти.