НБРМ: Минимално олеснување на условите за кредитирање на компаниите во третиот квартал

21

Во третиот квартал од оваа година се забележува минимално нето – олеснување на вкупните кредитни услови за одобрување корпоративни кредити, но послабо во однос на првата половина од годината, стои во Анкетата за кредитна активност во третиот квартал од годината на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Оствареното олеснување на нето основа е послабо и во однос на очекувањата на банките дадени во рамки на претходната анкета. Притоа, понискиот нето процент во оваа анкета е главно резултат на помалиот процент на банките коишто укажуваат на делумно олеснети кредитни услови, при значителен раст на учеството на банките коишто ги оценуваат условите како непроменети во однос на претходниот квартал (99% од банките)“, стои во Анкетата.

За наредните три месеци банките упатуваат на понатамошно нето-олеснување на кредитни услови на сите типови корпоративни кредити, со слична динамика како и во претходните шест анкети.

Од аспект на поединечните кредитни услови, во третиот квартал не се забележани позначителни поместувања во однос на оценките на банките во претходната анкета. Така, позначително нето-олеснување и натаму се забележува кај каматната стапка и некаматните приходи, но умерено послабо во споредба со претходните оценки. Дополнително олеснување се забележува кај условите поврзани со големината на или на кредитната линија, со сличен интензитет како и во минатата анкета, додека условите поврзани со барањето за обезбедување и достасувањето на заемите се оценуваат како непроменети во однос на претходното тримесечје.

Во однос на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување корпоративни кредити, конкуренцијата од другите банки и ликвидносната позиција на банките и натаму имаат најзначителен индивидуален придонес кон олеснувањето на вкупните кредитни услови, но со умерено послаб нето-процент кај конкуренцијата од другите банки во споредба со минатата анкета. Придонесот на ликвидносната позиција на банките е со слична јачина како и во претходното тримесечје. Во однос на останатите фактори од групата поврзана со трошоците на финансиските средства и билансните ограничувања на банките, како и факторите поврзани со конкуренцијата, не се забележани позначителни поместувања во однос на оценките од претходната анкета, при што тие во најголем дел имаат неутрално влијание врз условите за одобрување корпоративни кредити.

Од друга страна, во третиот квартал, банките укажуваат на одредено влошување на согледувањата за ризикот во споредба со оценките за претходното тримесечје. Така, во просек, 33,6% од банките укажуваат на неповолно влијание врз очекувањата за вкупната економска активност, очекувањата за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието, како и ризикот од неизвршување на обезбедувањето врз вкупните кредитни услови, наспроти 13% од банките, во просек, во претходната анкета.