НБРМ: Намалена ликвидноста на банкарскиот систем во септември

13

Ликвидноста на банкарскиот систем во септември се намали на месечна основа, покажува извештајот за најновите макроекономски показатели за период јули – септември на Народната банка на Македонија.

“Повлекување на ликвидноста се изврши преку монетарните инструменти на НБРМ, и тоа главно преку расположливите депозити на седум дена, а во помал дел и преку благајничките записи на НБРМ и расположливите депозити преку ноќ“, се вели во извештајот.

Во текот на август, вкупните депозити забележаа месечно зголемување, наспроти остварениот пад во претходниот месец. Растот на депозитната база, како што се наведува, во целост произлегува од повисоките депозити на претпријатијата, при умерено намалување на депозитите на домаќинствата.

Годишното зголемување на вкупните депозити, како што се наведува, и натаму во најголем дел се должи на растот на денарските депозити, при умерен позитивен придонес на девизните депозити. Вкупните депозити на домаќинствата бележат намалување на месечна основа, по растот забележан претходниот месец.

“Вкупните кредити растат и во текот на август, со релативно послаба динамика на раст слична како и претходниот месец. Остварениот раст во целост произлегува од месечното зголемување на кредитите на домаќинствата, додека корпоративните кредити бележат намалување втор месец по ред“, стои подолу во извештајот на НБРМ.

Остварениот годишен раст на вкупните кредити во целост произлегува од зголемувањето на денарските кредити, додека девизните кредити бележат пад на годишна основа.