НБРМ: Намалената кредитна активност главен ризик за банките во 2015 година

11

Главниот ризик за банките доаѓа од нивната кредитна активност, којашто оствари забавен раст во 2015 година, беше истакнато на седницата на Советот на Народната банка на Република Македонија.

“Во овој контекст, значителното забавување на растот на нефункционалните кредити предизвика намалување и на нивното учеството во вкупните кредити на банките на 10,8%, додека ризиците коишто доаѓаа од нивото на нефункционалните кредити беа дополнително намалени и заради високата покриеност на овие кредити со исправка на вредноста издвоена за нив. Одделни банки покажуваа мала ранливост на претпоставените шокови и хипотетичка потреба од докапитализација или ликвидносна поддршка“, стои во соопштението на НБРМ.

Пензиските фондови и осигурителниот сектор, како што се наведува, и натаму растат засилено, но поради малиот обем на овие институционални сегменти, ризикот од прелевање на ризиците од банкарскиот сектор  ̶  преку вложените депозити во банките  ̶  е сѐ уште ограничен. И во 2015 година штедилниците, инвестициските фондови, друштвата за лизинг и финансиските друштва имаа речиси незначително учество во вкупната актива на финансискиот систем, а со тоа и врз неговата стабилност. И функционирањето на пазарот на пари и краткорочни хартии од вредност и на пазарот на капитал веќе подолг временски период се одвиваа без поголемо влијание врз финансиските текови во земјата.

Советот го разгледа и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2016 година, при што беше констатирано дека по релативно високиот раст на банкарските активности со корпоративниот сектор во декември 2015 година, веќе во наредниот месец следеа сосема спротивни движења на пад на кредитната поддршка за нефинансиските друштва, проследен со позначително намалување на корпоративните, трансакциски и краткорочни депозити, поради што истовремено се наруши и неколкугодишниот тренд на постојана денаризација на депозитите кај банките.

И покрај тоа, квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем се задржа на високо ниво, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на 31 март 2016 беше 10,9%, што претставува само минимално зголемување, коешто главно беше поттикнато од корпоративните кредити. Соодветно на ова, во првиот квартал од 2016 година показателите на солвентноста и капитализираноста на банките забележаа извесно зголемување, што најмногу произлегува од намалувањето на кредитните активности и зголемувањето на вложувањата во државните записи, при речиси непроменет износ на сопствените средства.

Во споредба со крајот на 2015 година, отпорноста на банките кон претпоставените шокови поврзани со кредитниот ризик се зголеми, а останатите ризици имаа мало значење, со оглед на ниската веројатност за остварување на валутниот ризик и сѐ уште незначителната изложеност на ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности.

Советот го разгледа и Кварталниот извештај за вториот квартал од 2016 година при што беше констатирано дека и покрај индикациите за можни отстапувања во однос на основното сценарио од априлската проекција кај некои клучни варијабли за монетарната политика, оцените за здравоста на економските фундаменти и понатаму се позитивни.

Податоците за економската активност упатуваат на натамошен раст, но побавен во однос на досегашните остварувања. Последните податоци за депозитната база на банките и побарувачката на девизи на менувачкиот пазар укажуваат на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти, коишто се разнишани од домашната политичка нестабилност. Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветното ниво, и покрај негативниот шок во вториот квартал, кога се пролонгира разрешницата на домашната политичка криза, којашто се прелеа во домашната економија. Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и главно се поврзани со домашната политичка криза, а присутни се и надворешните ризици на кои беше посочено во априлската проекција.

Нов ризик во овој контекст претставува референдумското гласање на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија, што би можело да има неповолни последици за британската и европската економија. Имајќи го сето ова предвид, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за успешно остварување на законски поставените цели.