НБРМ: Намалување на кредитната активност во октомври

12

На кредитниот сектор во октомври се забележува благо месечно намалување на кредитната активност, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“На кредитниот пазар, по растот во септември, во октомври се забележува благо месечно намалување на кредитната активност. Анализирано од секторски аспект, кредитирањето на населението и натаму расте, додека кредитните текови кон корпоративниот сектор забележаа пад. Од почетокот на годината досега кредитните текови бележат раст, којшто е солиден и во согласност со очекувањата“, стои во соопштението.

Според првичните монетарни податоци, вкупните депозити во банкарскиот систем во октомври бележат солиден месечен прираст, а годишниот раст изнесува 4%, што укажува на натамошно закрепнување на депозитната база. Придонес кон позитивните придвижувањата кај депозитите имаат и населението и корпоративниот сектор.

По растот на економијата од околу 2% во првата половина на годината, сите досегашни расположливи макроекономски показатели упатуваат на натамошен економски раст во третиот квартал со слично темпо.

Во однос на инфлацијата, по неколкумесечното намалување на потрошувачките цени, просечната годишна стапка во септември и октомври е умерено позитивна и изнесува 0,2%, во просек, предизвикана од растот на базичната инфлација. Кај показателите од надворешниот сектор, расположливите податоци покажуваат умерен дефицит во тековната сметка од околу 1% од БДП во првите осум месеци од годината, финансиран и преку должнички текови, но и преку приливи во форма на директни инвестиции. Во однос на адекватноста на девизните резерви, сите показатели и натаму се движат во сигурната зона.

На девизниот пазар, во октомври продолжија позитивните движења коишто го карактеризираа овој пазарен сегмент во текот на летниот период. Имено, во текот на месецот, фирмите имаа зголемена понуда на девизи,  при истовремен пад на побарувачката. Подобри остварувања се забележуваат и на девизниот пазар на банките со физичките лица, во услови на стабилизирање на побарувачката и натамошен раст на понудата на девизи. Согласно со податоците од октомври, банките повторно остваруваат нето-откуп на девизи од физички лица, со што се надмина краткорочниот ефект од извршените продажби на девизи на физичките лица во периодот април ‒ мај 2016 година.