НБРМ: Нема промени на каматните стапки на кредитите и депозитите во октомври

13

Каматните стапки на вкупните кредити и вкупните депозити, во октомври оваа година во однос на претходниот месец, се на ниво од 6,3% и 1,8% соодветно, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

Кај каматните стапки на новоодобрените кредити во октомври (5,7%) е забележан минимален месечен пад од 0,1 процентни поени, додека кај новопримените депозити нема промена на просечното ниво на каматните стапки во однос на септември (1,6%).

Каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор на крајот на октомври изнесува 6%, без промена на месечна основа. Во однос на декември 2015 година, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,3 процентни поени.

Стапката на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор на месечна основа се намали за 0,2 процентни поени и изнесува 5,6%. Надолната промена произлегува од падот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула за 0,2 процентни поени и на кредитите одобрени во странска валута за 0,5 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните примени депозити од корпоративниот сектор во октомври изнесува 2,1% и споредено на месечна основа, остана непроменета. Во однос на почетокот на годината, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е пониска за 0,1 процентни поени.

Просечната каматна стапка на новопримените депозити од корпоративниот сектор во октомври го задржа истото ниво како и минатиот месец и изнесува 1,4%.