НБРМ: Неопходна е поголема финансиска писменост кај повозрасното население

25

nbrm-logo-pocetna

Неопходна е поголема финансиска едукација и поголем број едукативни активности кај возрасното население во државава, покажале резултатите од мерењето на финансиската писменост коешто Народната банка го спроведе неодамна со финансиска поддршка од Европскиот фонд на Југоисточна Европа.

Резултатите биле презентирани на вчерашниот состанок на претставници на регулаторните институции во државава, коишто учествуваат и во Координациското тело за финансиска едукација – Народната банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизја на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Од НБРМ информираат дека мерењето било спроведено во соработка со агенцијата ГФК. Прашалникот којшто бил користен при мерењето бил приспособен на национално ниво, а репрезентативниот примерок од возрасното население 18+ бил составен од 1.100 испитаници со демографска структура којашто овозможила соодветна застапеност на сите региони во Република Македонија. Одговарањето на прашалникот било спроведено со директна комуникација со испитаниците, лице в лице.

Добиените резултати од мерењето се меѓународно споредливи, бидејќи прашалникот и севкупното мерење беа спроведени во согласност со методологијата на Меѓународната мрежа за финансиска едукација (ИНФЕ) при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Добиените резултати не само што им овозможуваат на регулаторните институции јасна и целосна слика за нивото на финансиската писменост на возрасното население коешто живее во Република Македонија, туку, меѓу другото, претставуваат и една од основите за планирањето и опфатот на дел од нивните натамошни активности, а особено во сферата на финансиската едукација на возрасното население.

На состанок се водела и плодна, сеопфатна дискусија од којашто произлегле повеќе предлози за можни заеднички проекти со коишто би се подобриле политиките за финансиска едукација во државава.