НБРМ: Одржана 21-та сесија на Клубот на истражувачи

57

085

На деветти јуни, Клубот на истражувачите ја одржа својата 21-ва сесија, соопштува од Народната банка на Република Македонија.

По отворањето од страна на вицегувернерката Анита Ангеловска Бежоска, на сесијата беа презентирани трудовите: Банкарски специфични и макроекономски детерминанти на нефукционалните кредити во Република Македонија: компаративна анализа на кредитите на претпријатијата и домаќинствата” од авторот Јордан Ќосевски и Детерминанти на структурата на капиталот на корпоративниот сектор: случајот на македонската економија со панел податоци од авторката Билјана Јовановиќ.

Целта на трудот на Ќосевски е утврдување на детерминантите на нефункционалните кредити кај претпријатијата и кај домаќинствата во Република Македонија за периодот од 2003 до 2014 година. Притоа, авторот разгледува две групи детерминанти – макроекономските детерминанти и детерминантите специфични за банките. Во анализата, авторот посочува два модели – еден за нефункционалните кредити на домаќинствата и еден за нефункционалните кредити на претпријатијата – коишто ги оценува со методот на коинтеграција. Резултатите од истражувањето укажуваат дека профитабилноста на банките, растот на кредитите кај претпријатијата, односно кај домаќинствата и растот на БДП придонесуваат за намалување на нефункционалните кредити.

Од друга страна, растот на солвентноста на банките и на невработеноста се поврзуваат и со растот на нефункционалните кредити. Инфлацијата предизвикува намалување на нефункционалните кредити, но исклучиво во случајот на домаќинствата. Фактор што значително придонесол за зголемување на нивото на нефункционалните кредити, и кај двата сектора, е и глобалната финансиска криза, којашто е опфатена преку воведување вештачка променлива. Авторот заклучува дека, и покрај тоа што нефункционалните кредити се под влијание на циклусите во реалната економија, што ја потврдува хипотезата за финансиска нестабилност на Мински, тие може донекаде да бидат управувани преку соодветно утврдување на големината на кредитната побарувачка и структурата на активата и пасивата на банките, коишто исто така имаат статистички значајно влијание. Монетарната власт, во својство на регулатор, има голема улога во тоа управување преку обезбедување стабилен и здрав банкарски систем и насочување на банките кон подобро управување со ризикот.

Целта на трудот на Јовановиќ е да даде приказ на детерминантите на капиталната структура на претпријатијата во Република Македонија. За таа цел, користени се податоци за 194 фирми за периодот 2000-2014 година. Конкретно, авторката се фокусира на две прашања. Прво, користејќи динамична панел методологија, таа се обидува да ги утврди детерминантите на финансиското задолжување на македонските фирми. Второ, трудот опфаќа анализа на одлуките за задолжување на фирмите пред и по финансиската криза. Во однос на првото прашање, резултатите покажуваат дека поголемиот обем на корпорациите и поголемите можности за раст соодветствуваат со поголемо задолжување, додека профитабилноста, материјалноста на средствата (колатералот) и имплицитните даночни поволности што ги дава недолжничкото финансирање се поврзани со помало задолжување.

Што се однесува до второто прашање, преткризната состојба на наведените детерминанти не го објаснува посткризното однесување на македонските фирми. Исклучок е преткризното ниво на долг чие влијание врз однесувањето на фирмите по кризата е оценето како значајно, односно фирмите со повисок долг пред кризата, по кризата се раздолжиле повеќе отколку другите фирми. Друг аспект поврзан со промените во однесувањето на фирмите во двата периода е и директниот ефект од глобалната финансиска криза – оние фирми коишто имале поголеми промени во показателите за успешноста во работењето (профит, приходи, продажба) за време на кризата, направиле и поголемо приспособување во степенот на задолженост во посткризниот период.