НБРМ: Пад на депозитите и кредитите на корпоративниот сектор во јануари

21

Вкупните депозити на корпоративниот сектор во јануари забележаа месечен пад од 4%, додека кај вкупните кредити падот е 3,2%, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

“Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор, во јануари е забележан месечен пад од 4%, во најголем дел кај денарската компонента, поточно кај депозитните пари и краткорочните депозити. Наспроти ова, корпоративните депозити на годишна основа бележат раст од 15,9% со еднаков придонес во промената на депозитите во денари и во странска валута“, стои во соопштението на НБРМ.

Во првиот месец од 2017 година, кај вкупните кредити на корпоративниот сектор, како што се наведува, е забележан месечен пад од 3,2%, со поизразен придонес на денарските кредити. Падот кај оваа категорија на годишна основа изнесува 4,4% и целосно се должи на надолните промени кај кредитите одобрени во странска валута. Но, доколку се исклучи ефектот од преносот на сомнителни и спорни побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, кредитите на корпоративниот сектор бележат годишен раст од 2,8%.