НБРМ: Пад на депозитната база на банките во мај

31

Неизвесниот домашен амбиент се одрази и врз депозитната база на банките, којашто во мај забележа пад од 0,5% на месечна основа, значително понизок од априлскиот, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.

Со тоа, како што се наведува, годишната стапка на раст на депозитите се сведе на 3,7%, остварување што е пониско од очекуваното во априлската проекција. Намалувањето и натаму се поврзува со неизвесноста околу политичката состојба во земјата, при што падот во целост се должи на понатамошното намалување на депозитите на домаќинствата, при раст на депозитите на корпоративниот сектор. Првичните податоци за јуни покажуваат натамошен тренд на намалување на депозитите, но послаб во однос на мај, при што за првпат по случувањата во април се забележува месечен раст на депозитите на населението, што е сигнал за постепено стабилизирање на согледувањата на економските субјекти.

Во однос на кредитниот пазар, во текот на април и мај, вкупните кредити на приватниот сектор се задржаа на релативно стабилно ниво, при раст на кредитите кај населението и намалување на кредитите кај корпоративниот сектор. Стагнацијата на кредитите во еден дел е одраз на отписот на достасани, ненаплатени побарувања, согласно со одлуката на НБРМ донесена во декември 2015, но веројатно е и реакција на неизвесниот амбиент и падот на депозитната база. Така, во мај, годишната стапка на кредитен раст изнесуваше 6,4%, а без ефектот од отписите изнесуваше 8,1%. Ефектите од одлуката на НБРМ за отпис најсилно се почувствуваа во јуни 2016, кога е остварен значителен пад на кредитите на месечна основа (од 1,5%) и кај двата сектора. Притоа, изолирајќи го ефектот од отписите, во јуни е остварен солиден раст на кредитната активност и кај населението и кај корпоративниот сектор.

Податоците за бруто домашниот производ за првиот квартал од годината го потврдија растот на економијата, којшто беше понизок од очекуваниот, а расположливите високофреквентни показатели за април и мај навестуваат негово продолжување, но забавено во однос на првиот квартал. Домашните неекономски фактори поврзани со политичките случувања во земјата дополнително ја зголемуваат неизвесностa околу остварувањата и оцените за економската активност во следниот период.

Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени се задржа во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација и натаму умерено се зголемува. Инфлациските остварувања засега не упатуваат на позначителни отстапувања од проектираните, а ризиците околу проекцијата до крајот на годината и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната.

Движењата на девизниот пазар во јуни значително се стабилизираа и постигнаа нормална динамика. Така, по два месеца на нето продажба на девизи од страна на банките на физичките лица, во јуни банките остварија нето откуп на девизи од физичките лица, при значително намалена побарувачка за девизи и раст на понудата на девизи. Дополнителен фактор за повисока понуда на девизи беа и менувачниците, чијшто нето откуп од физичките лица забележа раст, како на месечна основа, така и на годишна основа. Со оглед на ваквите движења, во првата половина од јуни Народната банка не интервенира на девизниот пазар, а при крајот на месецот, само во неколку наврати надомести дел од сезонски зголемената побарувачка за девизи од фирмите, што е најниска нето продажба на девизи во последните три месеци.

Последните податоци за девизните резерви, заклучно со јуни, покажуваат квартално намалување. Главен фактор за намалувањето на девизните резерви во овој период се интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, како реакција на зголемената побарувачка за девизи, во услови на нестабилен политички амбиент. Од 19-ти април до 23-ти мај, НБРМ интервенира на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот помеѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс. Во мај, мерките на Народната банка за справување со шпекулациите околу стабилноста на курсот на денарот придонесоа за постојан пад на побарувачката на девизи од физичките лица, којашто постепено се враќа кон вообичаеното преткризно ниво. Од последната недела на мај досега, девизниот пазар е стабилен, што упатува на значително стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти и намалување на склоностите за располагање со девизи. Анализата на сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурната зона.

Заради ефикасно управување со ликвидноста, банките во јуни умерено го намалија износот на ликвидни средства пласирани во краткорочните монетарни инструменти и воедно, продолжија со активно тргување на пазарите на пари, каде што прометот достигна највисоко ниво во последните две години.