НБРМ: Продолжува нагорниот тренд на раст на депозитите

44

Во јуни, паричната маса (монетарниот агрегат М3 2,3) оствари месечен раст од 0,8%, во најголем дел како резултат на растот кај краткорочните депозити (придонес од 83,7% во месечната промена), се вели во соопштението на НБРМ. Годишната стапка на раст на паричната маса изнесува 10,1%, при остварено зголемување кај сите компоненти.

Гледано од аспект на придонесот на одделните компоненти, најголем дел од годишната промена произлегува од растот на депозитните пари, по што следуваат краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години.

Вкупните депозити во јуни се зголемија за 0,8%, на месечна основа, главно заради зголемувањето на депозитите на корпоративниот сектор (учество во растот од 72,4%). Анализирано на годишна основа, во јуни продолжува нагорниот тренд на раст на депозитите, којшто достигна 9,9%. Овие остварувања се резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот “домаќинства“.

Изминатиот месец вкупните кредити забележаа месечно зголемување од 0,9%, што се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора коишто имаат речиси подеднакво учество во месечната промена. Споредено на годишна основа, кредитниот раст изнесува 6,2% и во поголем дел произлегува од зголеменото кредитирање на секторот “домаќинства“ (учество во растот од 74,2%).

Вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен и годишен раст од 2,3% и 12,7%, соодветно. Нагорната месечна промена главно се должи на зголемувањето кај краткорочните депозити во странска валута (придонес кон растот од 77,0%), а годишниот раст произлегува од зголемените депозитни пари и краткорочни депозити во странска валута, при пад на краткорочните денарски депозити. Во јуни, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 0,8% на месечна основа, во услови на речиси подеднаков придонес кон растот на кредитирањето во денари и во странска валута.

На годишна основа е забележан раст на кредитната активност од 2,9%, што во услови на намалено кредитирање во странска валута, целосно е резултат на зголеменото денарско кредитирање. Вкупните депозити на домаќинствата во јуни остварија месечен раст од 0,3% којшто се должи на депозитите во странска валута, при минимален пад на денарските депозити. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 7,9%, со речиси подеднакво учество на депозитите во денари и депозитите во странска валута.

Во јуни кај вкупните кредити на домаќинствата е забележан раст на месечна и годишна основа од 1,0% и 9,7%, соодветно. Од аспект на валутната структура, зголеменото кредитирање на домаќинствата во поголем дел е резултат на растот на кредитите одобрени во денари (68,6% и 62,4%, соодветно). Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 1,3% и 1,2%, соодветно, којшто на годишно ниво изнесува 11,1% и 14,9%, соодветно. Автомобилските кредити и негативните салда на тековните сметки забележаа месечен пад од 2,0% и 0,5%, соодветно, додека на годишна основа тие остварија раст од 0,2% и 4,8%, соодветно.

Овој месец, кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа бележат намалување од 0,8%. Во јуни кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен раст од 0,6%, при годишно намалување од 0,8%