НБРМ: Раст на БДП од 4,1% во 2015 година

15

Народната банка на Република Македонија проектира растот на економијата годинава да биде 4,1%, а 4,5% следната година, меѓу другото беше истакнато на седницата на Советот на НБРМ.

На денешната седница, Советот го разгледа најновиот Квартален извештај, вклучително и макроекономските проекции до крајот на 2016 година. Во првиот квартал на 2015 година Народната банка ја задржа основната каматна стапка непроменето на нивото од 3,25%, при што досегашното монетарно олабавување беше оценето како доволно. Во насока на оваа констатација за основната каматна стапка е намалувањето на вкупната и базичната инфлација на годишна основа, задржувањето на претходно започнатите позитивни трендови во економската активност и во 2015 година, како и кредитната активност којашто бележи поголем раст од претходно проектираниот.

Сепак, девизните резерви забележаа пад на квартална основа што во најголем дел се должи на предвремената отплата на кредитот од Кредитната линија за претпазливост на ММФ. Глобалното опкружување не претрпе позначајни промени во однос на последните оцени.

И покрај умереното закрепнување на странската побарувачка, оцените за растот на домашната економија и понатаму упатуваат на солидни остварувања и очекувања за иднината. Податоците упатуваат на остварен раст на БДП од 3,8% во 2014 година, а се очекува раст од 4,1% во 2015 година и од 4,5% во 2016 година. Се очекува да продолжи солидниот кредитен раст и тој во 2015 година да достигне 9%, а во 2016 година 10%. Одразувајќи ги ценовните движења во првиот квартал на годината, како и очекуваното задржување на негативниот придонес на цените на енергенсите врз вкупната инфлација до крајот на годината, во 2015 година се очекува раст на цените од 0,5%.

Последните оцени за билансот на плаќања упатуваат на дефицит во тековната сметка од 1,6% за 2015 година којшто ќе се прошири на 3,1% во 2016 година. Ваквото зголемување првенствено е поради очекувањата за влез на нови странски инвестиции во извозно-ориентираниот сектор што би се одразило на инвестицискиот увоз.

Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување на слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции, со оцени за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платно-билансна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците за остварувањето на ова макроекономско сценарио произлегуваат од меѓународното опкружување, пред сè, од евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот во Европската Унија, како и од неизвесноста поврзана со домашните политички случувања. Народната банка и во наредниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно ќе направи соодветни промени во монетарната политика заради успешно остварување на нејзините цели.

На денешната седница, Советот го усвои и Стратегискиот план на Народната банка на Република Македонија за периодот 2016-2018 година.

Определбата за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржувањето на финансиската стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет, ќе бидат главен стожер на активностите на Народната банка.

Во таа насока, ќе се продолжи со развојот и усовршувањето на активностите во областа на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката и истражувањата. Воедно, Народната банка и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности, градењето современ и компетентен човечки капитал, воспоставувањето на најновите технолошки иновации во деловните процеси и развивањето на соработката со домашните и странските институции.