НБРМ: Раст на депозитниот потенцијал на банките во третото тримесечје

21

Вкупниот депозитен потенцијал на банките во третото тримесечје на 2016 година забележа раст од 2,3% на квартална основа, наспроти остварениот пад од 2,9% во минатиот квартал, покажува Кварталниот извештај на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Растот во поголемиот дел произлегува од депозитите на домаќинствата (наспроти позначителното повлекување депозити од банкарскиот сектор во претходниот квартал), при значителен придонес и од страна на корпоративните депозити.

Депозитите на домаќинствата на квартална основа се повисоки за 1,8%, наспроти намалувањето од 3,5% во второто тримесечје. Од аспект на рочноста, забележан е позитивен придонес на долгорочните и краткорочните депозити во растот на вкупните депозити, наспроти нивното намалување во претходниот квартал. Од валутен аспект, оствареното квартално зголемување во поголем дел се должи на растот на девизните депозити, при истовремено зголемување на депозитите во домашна валута.

Депозитите на претпријатијата во третиот квартал од годината бележат квартално зголемување од 4,2%, наспроти падот од 3,6% во претходниот квартал.

Според податоците за каматните стапки кај новото штедење, движењата кај новопримените денарски и девизни депозити се дивергентни како кај секторот домаќинства, така и кај претпријатијата.

Од друга страна, кредитите на банкарскиот сектор забележаа раст од 0,2% во третиот квартал, наспроти намалувањето од 2% во претходниот квартал. Зголемувањето на кредитирањето на приватниот сектор во третото тримесечје е под влијание на растот на кредитите на населението, при натамошно намалување на корпоративните кредити. Зголемувањето на кредитната активност во овој период целосно произлегува од растот на денарските кредити, наспроти нивниот пад во претходниот квартал.