НБРМ: Раст на домашната економија со слично темпо како претходниот квартал

23

Најновите податоци за економската активност за последниот квартал на 2014 година и понатаму упатуваат на натамошен раст на домашната економија, со веројатно слично темпо како и во претходниот квартал, покажуваат најновите макроекономски показатели на Народната банка на Македонија (НБРМ).

Континуитетот на раст на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, со исклучок на градежните работи, коишто при висока споредбена основа и понатаму бележат годишен пад.

Досегашните движења кај показателите за економската активност упатуваат на можност за нешто поголем раст во 2014 година од очекуваниот. Во однос на монетарните движења, финалните податоци за кредитниот пазар во декември ги потврдија првичните оцени за натамошно засилување на растот на кредитите и поголемо распределување на кредитното финансирање на корпоративниот сектор. Ваквите движења придонесоа за надминување на проектираниот квартален раст за четвртиот квартал според октомвриската проекција. Со тоа, годишната стапка на раст на вкупните кредити во декември изнесува 10%, што е над проекцијата за четвртиот квартал од 8,7%. Во однос на депозитниот потенцијал, во текот на декември дојде до значително засилување на месечната динамика на раст, со што и депозитите ја натфрлаат октомвриската проекција за последниот квартал. Најновите оцени за нивото на каматната стапка ЕУРИБОР укажуваат на пониско ниво во периодот на 2015 – 2016 година споредено со октомвриската проекција.

Последните макроекономски показатели и оцени не упатуваат на поголеми промени во констатациите за амбиентот за спроведување на монетарната политика и за ризиците во однос на оцените дадени во рамки на октомвриските проекции. Девизните резерви од почетокот на годината бележат мал пад, што е во согласност со очекувањата. Показателите за адекватноста на девизните резерви остануваат во сигурна зона. Ризиците од надворешното окружување и понатаму остануваат неповолни и дополнително се нагласени со влошените перспективи за економскиот раст во евро-зоната и постојаните геополитички тензии.

Кај инфлацијата, остварувањата со декември се во линија со октомвриската проекција, со надолни ризици околу проекцијата на идната динамика на инфлацијата, заради големиот пад на цените на енергентите. Показателите за економската активност за последното тримесечје на 2014 година упатуваат на нешто посолидни остварувања од очекуваните. Финалните податоци со декември ги потврдуваат оцените за повисок кредитен раст од проектираниот.