НБРМ: Раст на економијата во третиот квартал, но со позабавена динамика

23

Податоците за третиот квартал од оваа година упатуваат на раст на домашната економија, но со малку позабавена динамика, што е во согласност со октомвриските проекции, се наведува во извештајот на Народната банка на Македонија (НБРМ) за најновите макроекономски показатели.

Кога станува збор за инфлацијата во Македонија, податоците на НБРМ велат дека за десет месеци, во просек ценовното ниво се намали за 0,3%. Кај девизните резерви забележан е благ пад како последица од интервенциите на НБРМ на девизниот пазар преку продажба на девизи и нето одливите врз основа на трансакциите за сметка на државата.

Во однос на монетарните движења, податоците за кредитниот пазар за октомври покажуваат солиден раст на кредитите на месечна основа, што упатува на продолжување на поволните тенденции од септември. Новото кредитирање во октомври со 70% беше насочено кон населението, а има и раст на кредитите наменети за компаниите. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во октомври изнесува 9,7%. Во однос на депозитниот потенцијал, депозитите забележаа раст, но со послаба динамика во однос на септември.