НБРМ: Раст на вкупните депозити во февруари за 1,4%

19

nbrm-logo-pocetnaВо февруари, кај паричната маса (монетарниот агрегат М41) е евидентиран месечен раст од 1,7% главно под влијание на зголемувањето на депозитните пари, при мал раст и кај краткорочните и долгорочните депозити. Споредено на годишна основа, паричната маса бележи раст од 7,4% како резултат на зголемувањето кај сите компоненти, со најголем придонес на депозитните пари и долгорочните депозити, по што следуваат готовите пари во оптек и краткорочните депозити.

Според соопштението на Народната банка на Република Македонија вкупните депозити, во текот на февруари остварија месечно и годишно зголемување од 1,4% и 7,0%, соодветно, во услови на раст на депозитите кај двата сектори, со поизразен придонес на секторот домаќинства, односно физичките лица и самостојните вршители на дејност (учество во вкупниот депозитен раст од 59,9% и 62,0%, соодветно).

Вкупните кредити забележаа месечен раст од 0,2%, којшто главно произлегува од зголеменото кредитирање на домаќинствата, наспроти намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа, растот на кредитите изнесува 6,8% и во поголем дел (69,1%) е резултат на зголемувањето на кредитирањето на секторот домаќинства.

Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор (јавните и приватните нефинансиски друштва) е забележан месечен и годишен раст од 1,8% и 7,1%, соодветно, при што депозитните пари и девизните краткорочни депозити се главен двигател на растот на месечна и годишна основа.

Минатиот месец, кредитите на корпоративниот сектор бележат месечно намалување од 0,2%, во услови на годишен раст од 3,9%. Притоа, месечните и годишните промени на кредитната активност во целост се објаснуваат преку кредитите одобрени во денари.

Вкупните депозити на домаќинствата забележаа нагорна месечна и годишна промена од 1,2% и 6,4%, соодветно. Анализирано од аспект на валутната структура, депозитните пари, како и девизните краткорочни депозити имаат најголем придонес кон месечниот и годишниот раст.

Во текот на февруари вкупните кредити на домаќинствата се зголемени за 0,6% и 9,9%, соодветно, на месечна и годишна основа. Притоа, месечниот и годишниот раст на кредитната активност кон домаќинствата во најголем дел се должат на денарските кредити (учество во растот од 97,4% и 89,6%, соодветно).

Од аспект на намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од 0,9% и 1,1%, соодветно, којшто на годишно ниво изнесува 11,5% и 16,0%, соодветно.

Кај автомобилските кредити е евидентирана нагорна месечна и годишна промена од 1,3% и 2,2%, соодветно, додека кај кредитите одобрени на кредитни картички е остварен пад на месечна и годишна основа од 0,8% и 1,1%, соодветно. Во февруари негативните салда на тековните сметки забележаа месечен пад од 1,1%, при годишен раст од 1,9%, додека кај кредитите одобрени врз други основи е забележано месечно зголемување од 0,4%, во услови на годишен пад од 1,4%.

*Монетарниот агрегат М1 го сочинуваат готовите пари во оптек и депозитните пари. Монетарниот агрегат М2 е составен од монетарниот агрегат М1 заедно со краткорочните депозити, додека монетарниот агрегат М4 (паричната маса) покрај монетарниот агрегат М2 ги вклучува и долгорочните депозити.

*Депозитните пари се однесуваат на тековните сметки кај банките и штедилниците и тековните сметки на останатите финансиски институции кај Народната банка.