НБРМ: Раст на вкупните кредити во приватниот сектор во декември

9

nbrm-logo-pocetna

Податоците за кредитниот пазар во декември се поволни и покажуваат забрзување на месечниот раст на вкупните кредити на приватниот сектор, главно поттикнат од корпоративниот сектор. Кредитните текови во последниот квартал ги надминаа очекувањата, со што и годишната стапка на раст на кредитите од 6,6% е над проектираната, беше констатирано на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.

Првичните декадни податоци за декември 2016 година покажуваат месечен раст на вкупните депозити од 4%, што претставува значително забрзување во однос на досегашната динамика на раст. Растот на вкупните депозити во декември во поголем дел произлегуваше од повисоките депозити на претпријатијата, но значителен е придонесот и на штедењето на домаќинствата. Од аспект на валутната структура на штедењето на населението, наспроти претходните три месеци кога придонесот на денарската и девизната компонента во растот на депозитите беше релативно урамнотежен, во декември 2016 година речиси 90% од прирастот на штедењето на населението е во денари.

Растот на вкупната депозитна база на банките во декември изнесува 5,7% на годишна основа, што претставува забрзување на годишниот раст, којшто воедно е повисок од проектираниот.

На седницата беше констатирано дека во декември ликвидноста во банкарскиот систем забележа релативно висок месечен раст, главно поради интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи (во износ од 63,45 милиони евра). Имено, банките имаа вишок девизи генериран од поповолните движења во трансакциите со клиентите, пред сѐ со фирмите. Исто така, зголемена понуда имаше и од менувачниците, како сезонски ефект пред божиќните и новогодишните празници, додека со физичките лица беа регистрирани стабилни движења и нето-откуп на девизи. Со овие движења во декември, вкупните остварувања на девизниот пазар во последниот квартал од годината се исклучително поволни, при што банките во трансакциите со клиенти остваруваат нето-откуп на девизи втор последователен квартал.

Остварувањата на девизниот пазар, како и приспособувањето на високите девизни позиции на банките во услови на зголемено кредитирање со валутна компонента, овозможија Народната банка да откупи вкупно 182,75 милиони евра во втората половина од годината, што е повеќе од продажбите во период на нестабилност на девизниот пазар во вториот квартал. Со тоа, на збирна основа во 2016 година Народната банка регистрира нето-откуп на девизи во износ од 16,65 милиони евра, со што ја зголеми ликвидноста во банкарскиот систем. Покрај девизните интервенции, во насока на зголемување на ликвидноста на банките во 2016 година влијаеја и трансакциите на државата. Банките главно ја насочуваат високата денарска ликвидност во расположливите депозити кај Народната банка.