НБРМ: Расте бројот на одобрени потрошувачки и станбени кредити во ноември

14

Кај потрошувачките и станбените кредити одобрени на физички лица во текот на ноември е остварен месечен раст од 1% и 0,9% соодветно, при остварен идентичен годишен раст од 14,2%, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Кај автомобилските кредити, како што се наведува, се забележува пад на кредитната активност, како на месечна основа за 1,3%, така и на годишна основа за 21,6%. Кредитите одобрени на кредитни картички во ноември бележат минимален месечен пад од 0,2% наспроти годишниот раст од 0,7%, додека негативните салда на тековните сметки бележат месечен и годишен раст од 0,5% и 5,1% соодветно. Кредитите одобрени врз други основи бележат месечно зголемување од 0,4%, додека на годишна основа се зголемени за 9,9%.

Месечен раст од 0,55 е остварен кај вкупните депозити на домаќинствата, додека годишна основа депозитниот раст е 1,8%. Годишниот раст произлегува од депозитите на домаќинствата примени во странска валута, а на месечна основа придонес кон растот имаат и девизните и денарските депозити (иако поголем е придонесот на девизните).

Кај вкупните кредити на домаќинствата месечното зголемување изнесува 0,6%, додека стапката на годишен раст благо забавува и изнесува 7,3%. Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и спорни побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, годишниот кредитен раст кај домаќинствата би изнесувал 11,2%.

Во корпоративниот сектор, кај вкупните депозити во ноември е забележан месечен и годишен раст од 3,2% и 11,8%. Месечниот раст, во поголем дел, се должи на денарските депозити, додека за годишниот раст речиси подеднаков придонес имаат депозитите примени во денари и во странска валута.

Месечен пад од 0,2% е забележан кај вкупните кредити на корпоративниот сектор во ноември. Но, доколку се исклучи ефектот од преносот на сомнителни и спорни побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, кредитите на корпоративниот сектор бележат годишен раст од 3,5%.