НБРМ: Растот на економијата од 3,7% останува непроменет

13

Растот на економијата од 3,7% проценти во Македонија останува непроменет, а главниот импулс да го обезбеди извозот, стои во извештајот на Народната банка на Македонија.

Нема промена и во проекцијата за 2015 година кога се очекува забрзување на растот и да достигне 4,4%. Оценките на НБРМ велат дека дел од инвестициските и потрошувачките одлуки на економските субјекти ќе бидат финансиски поддржани преку банкарски кредити. По растот на кредитите од 6,4% во 2013 година, во следните две години се укажува на негово забрзување со што би достигнал 7% и 8%, соодветно.

На кредитниот пазар банките обезбедуваа финансиска поддршка на реалниот сектор во првото тримесечје. При подобрени согледувања и очекувања, доволни извори за финансирање и солидни фундаменти, растот на банкарските кредити забрза, а нивото на кредитите беше над очекуваното, стои во извештајот на НБРМ.

Македонската економија растеше и во последниот квартал на 2013 година. Во услови на вакво позитивно квартално поместување, БДП забележа годишен раст од 3,2%. Како и во текот на изминатите три квартали, и во ова тримесечје растот на градежниот сектор беше главен двигател, при позитивни остварувања и од останатите дејности, со исклучок на услужните сектори трговија и јавна управа, стои во кварталниот извештај на Народната банка на Македонија (НБРМ).

Највисок индивидуален придонес кон  растот и понатаму имаше градежништвото, каде што инвестициите од јавниот  и приватниот сектор придонесоа за историски висока додадена вредност на градежништвото за кварталот и вкупно за целата година, стои во извештајот.

Во последниот квартал индустријата забележа раст на годишна основа, предизвикан од активноста на домашните и капацитетите со странски капитал ориентирани кон извоз, во услови на подобри глобални макроекономски изгледи и раст на странската ефективна побарувачка во втората половина на 2013 година.

Притоа, се подобри и оценката за економската состојба и степенот на искористеност на индустриските капацитети во четвртиот квартал. Според последните оценки од анкетите за деловните тенденции во јануари и февруари, економските субјекти од преработувачката индустрија го задржуваат оптимизмот (од четвртиот квартал на 2013 година) за обемот на производството и во наредните три месеци.