НБРМ: Разгледан и усвоен извештајот за работење на внатрешната ревизија за 2014 година

11

Советот на Народната банка на Република Македонија денеска ја одржа својата трета седница.

На седницата беше разгледан и усвоен Извештајот за работењето на внатрешната ревизија за 2014 година, при што беше констатирано дека Дирекцијата за внатрешна ревизија целосно ја спроведе својата Програма за работа. Внатрешната ревизија ги остваруваше своите основни цели преку систематско оценување и давање препораки за подобрување на процесот на управувањето со ризиците, адекватноста и ефективноста на внатрешните контроли, давајќи уверување за ефикасна и економична употреба на ресурсите, безбедно чување и заштита на средствата, веродостојност и интегритет на финансиските и другите информации и усогласеност на работењето со законските и подзаконските акти, интерните политики и процедурите за работа.

Во 2014 година беа извршени вкупно 18 редовни ревизии на 35 работни процеси, при што за утврдените наоди беше дадена вкупно 61 препорака за подобрување на системот на интерни контроли. На редовна квартална основа се следеше спроведувањето на дадените препораки и сознанијата од извршените следења укажуваат на тоа дека препораките главно се почитуваат и се остваруваат во зададените рокови. Нивото на остварување на дадените препораки во 2014 година е исполнето со 96,4%.

На денешната седница Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и Одлуките за издавање и Одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели “Близнаци’’ и “Рак’’ од серијата “Хороскопски знаци’’. Кованите пари “Близнаци’’ и “Рак’’ се со апоен од 10 денари во количина од 7.000 парчиња.

На денешната седница Советот го усвои и новиот Правилник за истражувачката активност, кој овозможува натамошно унапредување на рамката за истражувачката активност и нејзино усогласување со светските практики. Правилникот обезбедува средина во која се стимулира истражувачката активност и ги поттикнува вработените за објавување трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание, во функција на натамошно зајакнување на институционалниот капацитет и поширока промоција на институцијата.