НБРМ: Се очекува инфлација од 0% во следните 12 месеци

20

paricnik-so-karticki-pixabay

Стапката на инфлација се очекува да биде 0% во следниот 12-месечен период, покажуваат податоците од Анкетата за инфлациските очекувања на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Анкетата за инфлациските очекувања беше спроведена во март 2017 година. Како и во претходниот анкетен циклус, просечната стапка на инфлација за претходниот 12- месечен период се задржа во негативната зона. Резултатите од Анкетата упатуваат на непроменетост на инфлациските очекувања во однос на претходната анкета, односно како и во декември, испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе биде околу 0% во следниот 12- месечен период. Очекувањата за стапка на инфлација од околу 0% се карактеристични за сите три групи испитаници (економски аналитичари, претпријатија и финансиски институции).

Во однос на квантитативното прашање за очекуваната стапка на инфлација за 2017 и 2018 година, инфлациските очекувања на испитаниците за 2017 година се пониски за 0,1 процентен поен, додека за 2018 година се непроменети во однос на очекувањата во претходниот анкетен циклус.

Анкетата за инфлациските очекувања опфаќа три групи испитаници: економски аналитичари, претпријатија и финансиски институции. Анкетниот прашалник содржи две прашања за мерење на инфлациските очекувања, едното со квалитативен, а другото со квантитативен карактер. На првото прашање за инфлациските очекувања испитаниците ги посочуваат насоката и степенот на промени на цените во споредба со промената во претходните 12 месеци. За мерење на квалитативните одговори се применува пристапот на веројатност на Карлсон и Паркин (1975), според кој се претпоставува дека при доволно голем број испитаници, очекуваната промена на цените е распределена нормално кај популацијата. На второто прашање, од испитаникот се бара прецизно да ја определи очекуваната просечна стапка на промена на цените во наредните две години . Вкупната очекувана стапка се пресметува како обичен просек од одговорите на сите испитаници. Вака пресметаниот показател е корисен за добивање сознанија во поглед на насоката на движење на очекувањата на испитаниците.