НБРМ со мерки ја поттикнува денаризацијата на депозитите во банките

11

Советот на Народната банка на Македонија донесе дополнителни мерки со коишто се зајакнува очекуваниот ефект на промената на основната каматна стапка.

“Заради натамошно поттикнување на процесот на денаризација на депозитите во домашниот банкарски систем, Советот ја зголеми стапката на задолжителната резерва за обврски на банките во домашна валута со валутна клаузула. Со оглед на незначителното учество на овие обврски во билансите на банките, измените се исклучиво заради натамошно задржување на ниската склоност на економските субјекти за пласирање на овој вид на депозити во домашните деловни банки“, стои во соопштението на НБРМ.

Покрај тоа, заради одржување и зголемување на депозитите во домашниот банкарски систем, Советот ги преиспита и ги подобри условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во Народната банка. Во таа смисла, почнувајќи од следната недела, банките ќе можат да пласираат девизни депозити во централната банка по повисоки каматни стапки од тековните негативни каматни стапки, коишто преовладуваат на меѓународните финансиски пазари. Се очекува дека оваа мерка ќе придонесе за намалување на трошоците на домашните банки, што следствено би придонесло за повисоки каматни стапки за депозитите на нивните клиенти, домашните правни и физички лица.