НБРМ: Солиден месечен прираст на вкупните депозити во банките

17

nbrm-logo-pocetna

Солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем во ноември, стои во соопштението на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

Растот, како што се наведува, е резултат на депозитите на населението, но и на растот на корпоративните депозити.

На кредитниот пазар кредитирањето продолжи забрзано да се зголемува, при што речиси рамномерна е распределбата на кредитите кај секторот „население” и кај корпоративниот сектор. Засега се оценува дека депозитните и кредитните текови се движат во согласност со очекувањата.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот за оперативна монетарна политика, ликвидносниот потенцијал на банките се задржа на релативно стабилно и солидно ниво. Банките го пласираа вишокот слободни средства во седумдневни расположливи депозити кај Народната банка, но и во подолгорочни и повисокоприносни инвестициски инструменти. Со оглед на релативно високата ликвидност, во текот на ноември банките имаа намалена потреба за финансирање преку пазарот на пари, каде што речиси подеднакво се тргуваше со меѓубанкарски депозити и со хартии од вредност на секундарниот пазар.

За декемврискиот период на задолжителната резерва се очекува сезонски раст на денарската ликвидност на банките, којашто вообичаено кон крајот на годината се користи за кредитна поддршка на приватниот сектор.

Сумирано, на седницата беше заклучено дека тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски фундаменти.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски индикатори и случувањата во домашната економија, при што идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во домашната економија и екстерниот сектор.