НБРМ: Умерен пад на депозитите на банките во мај

19

Податоците за вкупните депозити кај банките во мај покажуваат умерен пад од 0,5% на месечна основа, којшто е понизок во споредба со претходниот месец, стои во Извештајот на Народната банка на Република Македонија за најновите макроекономски показатели.

“Намалувањето и натаму се поврзува со неизвесноста околу политичката состојба во земјата, при што падот во целост се должи на понатамошното намалување на депозитите на домаќинствата, при раст на депозитите на корпоративниот сектор“, стои во извештајот.

На годишна основа, како што се наведува, вкупните депозити во мај се повисоки за 3,6%, што е пониско остварување од очекуваното за вториот квартал од годината од 6,6%.

Во однос на кредитниот пазар, во мај оваа година, вкупните кредити на приватниот сектор се задржаа на релативно стабилно ниво, во споредба со претходниот месец, при раст на кредитите кај населението и намалување на кредитите кај корпоративниот сектор.

На годишна основа, вкупните кредити се повисоки за 6,4%, што е под очекувањата од априлската проекција од 7,6%, за вториот квартал од годината. Овие остварувања, како што се наведува, во еден дел се реакција на неизвесниот амбиент и падот на депозитната база, но во голем дел се одраз на отписот на достасани, ненаплатени побарувања.