НБРМ: Висок пад на ликвидноста на банките во април

24

Во април, под влијание на автономните фактори, ликвидноста на банкарскиот систем забележа висок месечен пад од 7.035.000.000  денари, беше истакнато на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

“Најголемо влијание за намалувањето на ликвидноста на банките имаа интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, преку кои се обезбеди девизна ликвидност за задоволување на зголемената побарувачка од страна на физичките лица за девизи и за странска готовина. Растот на готовите пари во оптек, исто така, придонесе за намалување на ликвидноста на банките. Динамиката на готовите пари во оптек во текот на месецот, покрај од сезонски повисоката побарувачка пред велигденските празници, произлезе и од зголемената побарувачка за денарска готовина при неизвесност од политичката криза“, стои во соопштението на НБРМ.

Ликвидноста, како што се наведува, позначително се намали во втората половина од месецот, кога се зголеми неизвесноста поврзана со политичката ситуација во земјата, што беше проследено со шпекулации за стабилноста на банкарскиот систем и за девалвација на курсот на денарот. Во вакви услови, беше зголемена склоноста на економските субјекти за поседување девизи. Физичките лица значително ја зголемија побарувачката за девизна готовина, што создаде притисок на девизниот пазар (одразен преку претворање на денарските депозити во девизи и нивно влечење од банките) и притисок на менувачкиот пазар на банките (одразен со висока продажба на банките на девизна готовина на физичките лица, во услови на неможност менувачниците да ја задоволат високата побарувачка за девизна готовина, заради намалениот откуп на девизи).

Со оглед на овие случувања на девизниот пазар, Народната банка во април ги обезбеди банките со потребната девизна ликвидност во износ од 77 милиони евра. Од почетокот на мај, се забележува стабилизирање на побарувачката за девизи на девизниот пазар, што услови намалени интервенции за продажба на девизи од страна на Народната банка.