НБРМ: Висок раст на вкупните кредити во март

18

Првичните декадни податоци за март на кредитниот пазар покажуваат релативно висок раст на вкупните кредити на месечна основа, што претставува значајно раздвижување на кредитниот пазар по релативно послабите остварувања од почетокот на годината, се наведува во извештајот на Народната банка на Македонија за најновите макроекономски показатели.

Новото кредитирање во март беше подеднакво распределено кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. Во вакви услови и при остварен повисок раст на кредитите во 2014 година во однос на очекувањата, годишниот раст на вкупните кредити во март изнесува 9,2% и е над октомвриската проекција за првиот квартал од 8,5%.

Во однос на депозитниот потенцијал, првичните податоци со март, како што стои во извештајот, покажуваат и намалување на месечна основа како резултат на падот на депозитите на претпријатијата и на останатите финансиски институции. Во исто време, депозитите на домаќинствата продолжуваат да растат со слична динамика, како и претходниот месец.

Најновите податоци на НБРМ за девизните резерви покажува нивно намалување од почетокот на годината. Намалувањето, како што се наведува, е последица на трансакциите за сметка на државата, при што најголем ефект имаше предвремената отплата на кредитот од ММФ, користен во рамки на Кредитната линија за претпазливост.

Податоците за билансот на плаќања за јануари оваа година укажуваат на можност за остварување помал дефицит во тековната сметка од очекуваниот за првиот квартал од годината, додека кај финансиските трансакции се остварени нето одливи наместо очекуваните нето приливи.

Последните податоци за надворешната трговија за првите два месеци и понатаму даваат индикација за помал трговски дефицит, како комбиниран ефект од добрите остварувања на новите компании и помалите притисоци од увозот на енергенси, заради пониската од проектираната цена на нафтата.