НБРМ: Во јануари намалена каматната стапка од 5,72%

24

nbrm-logo-pocetna

Каматната стапка на вкупните кредити во јануари 2018 година бележи минимално месечно намалување и изнесува 5,72%, додека каматната стапка на вкупните депозити се задржа на декемвриското ниво од 1,51%, пишува во најновиот извештај на Народната Банка на Република Македонија.

Во соопштението се наведува дека во јануари, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 5,13%, со забележана нагорна промена од 0,25 п.п., додека просечната каматна стапка на новопримените депозити забележа месечен раст од 0,07 п.п. и изнесува 1,36%.

Во првиот месец од годинава, каматната стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 5,12%, при евидентиран минимален месечен пад од 0,02 п.п. Минималното надолно поместување произлегува од каматните стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити со валутна клаузула (за 0,04 и 0,01 п.п., соодветно). Споредено со минатиот јануари, оваа каматна стапка е пониска за 0,63 п.п.

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во јануари изнесува 6,37%, што претставува незначителен месечен пад од 0,01 п.п., главно заради надолната промена кај денарските кредити со валутна клаузула.

Јануарската просечна каматна стапка на новите кредити одобрени на домаќинствата бележи месечен раст од 0,15 п.п. и изнесува 5,50%. Зголемувањето главно е поврзано со денарските пласмани без валутна клаузула (за 0,17 п.п.), во услови кога каматните стапки кај девизните кредити и денарските кредити со валутна клаузула се движат во спротивна насока (намалување за 0,08 и 0,05 п.п., соодветно). Во однос на истиот месец минатата година, каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е намалена за 0,43 п.п.