НБРМ: Задржана основната каматна стапка од 3,25%

14

narodna-bankaФото: НБРМ

Во последното тримесечје од 2017 година Народната банка не ја промени поставеноста на монетарната политика и основната каматна стапка се задржа на нивото од 3,25%. Исто така, тековната монетарна поставеност се оценува како соодветна, во услови на натамошна стабилност на економските основи и отсуство на нерамнотежи во економијата. Најновите податоци не укажаа на поголеми отстапувања во однос на проекциите во сегментите коишто се клучни за монетарната политика, се наведува во соопштението од втората седница на Советот на Народната банка на Република Македонија.

Советот констатира дека  податоците за надворешниот сектор изразени преку позицијата на билансот на плаќања покажуваат умерено подобри остварувања во однос на проекциите кај тековната сметка, додека позицијата на финансиската сметка е понеповолна од очекуваната. Во третиот квартал од 2017 година, тековната сметка забележа суфицит од 183,1 милион евра, што претставува 1,8% од БДП и е повисок во споредба со октомвриската проекција, одразувајќи го понискиот дефицит кај салдото на стоките и услугите од очекуваниот. Од друга страна, во рамки на финансиската сметка се остварени нето-одливи од 278 милиони евра, односно 2,7% од БДП, што претставува послабо остварување во однос на очекувањата во октомври минатата година, во услови на позначајни негативни отстапувања кај странските директни инвестиции и трговските кредити. Анализирајќи од гледна точка на динамиката, во третиот квартал од 2017 година салдото на тековната сметка бележи подобрување на годишна основа, при повисок суфицит кај услугите и кај секундарниот доход. Кај финансиската сметка се остварени нето-одливи, наспроти високите нето-приливи во третиот квартал од 2016 година кога беше издадена петтата еврообврзница. Најновите податоци за бруто девизните резерви за четвртото тримесечје од минатата година упатуваат на квартален раст, што е подобро остварување од очекуваното во октомвриските проекции. Објавените податоци за БДП за третиот квартал од 2017 година покажуваат годишен раст на БДП од 0,2%, што претставува нешто пониско остварување од проектираната стапка од 0,7%.

Во втората половина од 2017 година дојде до забрзување на годишниот раст на домашните цени од 1,6% во третиот на 2,2% во четвртиот квартал. За цела 2017 година, стапката на инфлација изнесува 1,4%, и генерално е во рамки на октомвриската проекција на просечна инфлација од 1,3%. Инфлацијата во 2017 година речиси во целост се должи на растот на базичната компонента, во услови на неутрален придонес од прехранбената и минимален позитивен придонес од енергетската компонента. Во услови на остварувања коишто главно се во склад со проекцијата, ризиците околу очекувањата за инфлацијата за 2018 година и 2019 година, и натаму се поврзани со неизвесноста околу очекуваното движење на цените на примарните производи.

Советот заклучи дека остварувањата не отстапуваат значително од основното сценарио во сегментите коишто се клучни за монетарната политика, при што и понатаму се задржани оцените за стабилност на економските основи. Воедно, тековниот биланс на ризици се оценува како поповолен во однос на октомвриските проекции. Податоците за економската активност за третиот и расположливите податоци за четвртиот квартал од минатата година упатуваат на постепено подобрување на состојбата во економијата. Ваквите поместувања испраќаат сигнали за понатамошно стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните економски субјекти. Надворешната позиција на економијата и понатаму се оценува како стабилна, при што движењата кај девизните резерви се поволни, а показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици за остварувањето на проекцијата, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи состојбите, заради навремено и соодветно приспособување на монетарната политика.

На седницата, Советот ги разгледа и ги донесе Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, Одлуката за изменување и дополнување  на Одлуката за издавање согласности и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање дозволи. Овие одлуки се донесени со цел усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди и принципи, како и заради усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките.