НБРМ: Зголемена ликвидноста на банкарскиот сектор во мај

13

Ликвидноста на банкарскиот сектор во мај се зголеми, покажуваат оперативните податоци за текот на ликвидноста во рамки на извештајот на Народна банка на Република Македонија.

“Анализирано преку индивидуалните фактори, трансакциите на државата и готовите пари во оптек придонесоа за креирање ликвидност, додека девизните трансакции на НБРМ со банките поддржува предизвикаа повлекување на ликвидни средства од банкарскиот систем“, стои во извештајот на НБРМ.

Вкупните депозити, по месечниот раст во март, во април значително се намалија. Падот речиси подеднакво се должи на намалувањето на депозитите на домаќинствата и на депозитите на претпријатијата.

Вкупните кредити во текот на април се задржаа на релативно стабилно ниво. Анализирано по сектори, кредитите на населението остварија месечен раст, додека корпоративните кредити умерено се намалија.

Годишната стапка на раст на вкупните кредити за април е 7,5% и е умерено под годишниот раст проектиран за вториот квартал на 2016 година. Во номинални износ, вкупните кредити во април и натаму се на стабилно ниво, наспроти очекуваниот раст.

При пад на вкупните депозити и задржување на вкупните кредити на релативно стабилно ниво, искористеноста на депозитниот потенцијал за кредитирање на приватниот сектор во април се зголеми.

Учеството на сомнителните и спорни побарувања во вкупните кредити во април е на истото ниво од претходниот месец кога беше на ниво од 10,7%.