НБРМ: Зголемување на кредитите на корпоративниот сектор во април

18

nbrm-logo-pocetna

Кај вкупните кредити на корпоративниот сектор во април е забележано месечно зголемување од 0,4%, коешто произлегува од растот на кредитите одобрени во денари, покажуваат податоците за монетарните движења во април на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

Од друга страна, состојбата на кредитите кон корпоративниот сектор на годишна основа е пониска за 4,2%, со поизразен придонес за намалувањето на девизниот кредитен сегмент. Доколку се исклучи ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, кредитите на корпоративниот сектор во април бележат годишен раст од 4%.

Во април, вкупните депозити на корпоративниот сектор на месечна основа се намалени за 1%, што произлегува од намалувањето на денарските депозити коешто го надминува месечниот раст на девизните депозити. На годишна основа, корпоративните депозити бележат раст од 12%, со позначителен придонес на денарските депозити (од 77,9% од растот).

Вкупните кредити во април бележат идентичен месечен и годишен раст од 0,6%, соодветно. Месечното зголемување произлегува од растот на кредитирањето кон двата сектора, но во поголем обем кон домаќинствата. На годишна основа, бележиме зголемено кредитирање на домаќинствата, наспроти намалувањето кај корпоративниот сектор. Треба да се има предвид дека годишните промени на кредитите ги одразуваат и ефектите од одлуката на Народната банка во однос на нефункционалните пласмани, при што без овој ефект годишниот кредитен раст е стабилен и во април изнесува 6,9%.