НБСтат – портал за унапредување на дисеминацијата на статистичките податоци на Народната банка

21

Од денеска, официјалните статистички податоци кои ги изготвува Народната банка ќе им бидат достапни на корисниците преку новиот статистички веб-портал НБСтат.

Станува збор за современа статистичка алатка креирана со проактивно користење на можностите на информатичката и на комуникациската технологија и на современите канали за интерактивна комуникација. Практиката на објавување податоци само во форма на документи во ексел-формат во делот Статистика на институционалната интернет страница, веќе се напушта. Отсега, статистичките податоци на Народната банка ќе бидат објавувани исклучиво преку новиот статистички веб портал.

Со пуштањето во употреба на НБСтат, нашата централна банка се приклучува кон европското семејство на овластени носители на статистички истражувања коишто следејќи ги препораките на Евростат и на Европскиот статистички систем, како и трендовите на отворени податоци, практикуваат еден од најсовремените начини на дисеминација на статистичките податоци – статистичка алатка во форма на ПХ веб-портал.

НБСтат, со неговата структура и со техничките можности за достапност на податоците, ќе обезбеди нашите корисници да ги имаат едни од најдобрите можности за напредно и поедноставено користење на централнобанкарската статистика.

Истовремено, важно е и што со оваа нова, софистицирана статистичка алатка ќе се овозможи статистичките податоци на Народната банка веќе да бидат дел од концептот на новиот европски простор на отворени податоци, којшто пред сѐ подразбира статистиката да се презентира во јасна и разбирлива форма.

Преку алатката НБСтат, којашто е достапна и на интернет страницата на Народната банка, не само што ќе бидат објавувани новите, туку веќе се достапни и сите досега објавени статистички податоци коишто се во надлежност на Народната банка. Овој начин на објавување е сосема поразличен и посовремен од оној што се применуваше досега и ќе им овозможи на истражувачите, академската заедница, новинарите и на носителите на политиките да ги преземат потребните податоци во форма и обем што најмногу одговара на нивните потреби.

Особено значајна придобивка од пуштањето во употреба на статистичкиот веб-портал на Народната банка е што покрај стандардното следење на централнобанкарската статистика, од денес преку него корисниците ќе имаат можност за самостојно филтрирање на податоците и изготвување временски серии, како и за нивно прикажување во повеќе форми на визуализација и за нивно преземање во различен формат. На тој начин значително се прошируваат и можностите за анализа на податоците од страна на корисниците.

Креирањето на оваа статистичка алатка беше остварено со секојдневна неколкугодишна посветеност на дел од тимот на Народната банка, откако во рамки на програмата ИПА2012, Европската Унија, во целост финансиски, како и со стручна и техничка помош, го поддржа проектот Градење алатка за интерна анализа на податоци и статистички веб-портал за екстерни корисници.

Со поддршка од Европската Унија, нашата централна банка успеа да биде една од оние централни банки коишто преку ваков современ статистички веб-портал со софистицирани и напредни можности за корисниците овозможуваат современа платформа за анализа на податоците.

За корисниците на новововедениот статистички веб-портал, Народната банка веќе објави и корисничко упатство, достапно на институционалната интернет-страница.