Не штедат на луксуз иако е пандемија

28

Кина до 2025 година ќе прерасне во најголемиот светски пазар за луксузни производи. Во годината во којашто глобалната побарувачка за луксузни производи е драстично намалена, кинескиот пазар дава силни знаци на раст, бидејќи богатите Кинези останаа во земјата поради пандемијата, но постојано купуваа накит, кожна галантерија и скапо вино, пишува CNBS.

Досега традиционални пазари на луксузни брендови беа САД и Европа, но нивниот раст беше пред сè благодарение на великодушните потрошувачи од Кина. Консултантската компанија Bain&Co предвидува дека богатите Кинези сè повеќе ќе се вртат кон локалниот пазар на којшто нема да ги жалат парите што ќе ги трошат.

Инаку, Кинезите чинат една третина од вкупната потрошувачка на луксузни брендови минатата година. Се очекува оваа година континентална Кина да биде единствениот регион во светот што ќе забележи раст, а пазарот на луксузни производи ја зголеми вредноста за 45% на 44 милијарди евра.

Експертите за оваа година, на глобално ниво, очекуваат пад на продажбата на луксузни производи за околу 23% на 217 милијарди евра, што е најголемиот пад што е досега регистриран.

Од Bain&Co очекуваат закрепнување на пазарот за две до три години, повторно во најголема мера потпирајќи се на потрошувачката од Кина. Исто така, купувањето преку интернет има двократен раст и сочинува 23% од вкупната потрошувачка оваа година, наспроти само 12% минатата година.

Фото: Freepik