Пад на нефункционалните кредити во вториот квартал

106

Нефункционалните кредити се намалија за 3,4%, со што и учеството во вкупните кредити се намали за 0,3 процентни поени, до нивото од 4,7%, покажуваат податоците на Народна банка за вториот квартал од оваа година.

Анализирано по одделни сектори, падот на нефункционалните кредити беше присутен и кај корпоративните кредити (-3,8%) и кај кредитите на домаќинства (-3,1%). Оттука, учеството на нефункционалните во вкупните кредити на претпријатијата се намали за 0,6 процентни поени, до нивото од 7,6%, додека учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата се намали за минимален 0,1 процентен поен, до нивото од 1,9%.

Намалувањето на нефункционалните кредити најмногу произлегува од задолжителните отписи на целосно резервираните нефункционални кредити, а во одредени случаи е резултат на наплати, најчесто преку преземање на залогот или преку преземање на долгот од друго лице. Сепак и регулаторните мерки преземени од страна на Народната банка, во доменот на управувањето со кредитниот ризик, секако придонесоа за пролонгирање и забавување на остварувањето на кредитниот ризик, барем во делот на создавање нови нефункционални кредити.

Имајќи го предвид времениот карактер на преземените мерки, како и неизвесноста околу временското траење на последиците од пандемијата на коронавирусот, во наредниот период може да се очекува посилно остварување на кредитниот ризик и раст на нефункционалните кредити кај банките.

Така, веќе од октомври 2020 година (најдоцна до крајот на 2020 година), банките се должни да ги применат вообичаените правила за стекнување нефункционален статус на кредитите и соодветно да го преоценат квалитетот на кредитите и да ги признаат очекуваните кредитни загуби, коишто многу веројатно се потценети во периодот на привременото регулаторно олеснување.

Фото: Freepik