Нема доволно кадар за сите занаетчиски дејности

73

Поголема финансиска поддршка, поголема практична едукација на кадри преку директно поврзување со стопанството и создавање на услови, рамки за развој, се дел од барањата на македонските занаетчии. Според занаетчиите, оваа дејност не изумира, туку напротив е во подем. Се поголем е бројот на млади луѓе кои одлучуваат да отвораат сопствени мали бизниси.
На отворањето министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска истакна дека македонското занаетчиство отсекогаш било израз на врвна уметност изработена од рацете на обичниот човек кој на парчето метал, дрво или кожа успевал да му даде посебна убавина, живот и практична намена.
“Старите занаети се потврда за нашето историско траење, материјалната култура, уметничките вредности. Тие се уште живеат, се негуваат во Старата скопска чаршија, која е дом на еснафите, местото каде опстојуваат копаничарството, грнчарството, филиграството…”, рече Канческа-Милевска.
Според занаетчиите, грантовите кои се доделуваат минатата и оваа година се мали, бидејќи развојот на нов бизнис, освен знаење, бара и финансиски средства.
Во Македонија се регистрирани преку 300 занаетчиски дејности, но нема доволно кадри за сите. Бројот на активни занаетчии е околу 7.000. Тие се организирани во 14 локални занаетчиски комори. Доминираат фризерите, козметичарите, сервисерите на компјутери и бела техника, графичката и услужната дејност, како и металската струка, а недостасуваат пекари, чевлари, бравари и металозаварувачи.
“Занаетчиството е потреба и на граѓаните и на стопанството. Некои традиционални, стари занаети умираат, за нив веќе нема потреба, ја завршиле својата улога. Но, тоа не значи дека и техниките на изработка се забораваат. Ги поврзуваме со нешто ново, современо. Така продолжуваат да живеат во нови производи, нов накит, модни додатоци. Уметничките занаети треба да бидат регулирани со посебен закон бидејќи најчесто обезбедуваат доволно средства за самостоен бизнис”, изјави Снежана Денковска, извршен директор на Занаетчиската комора.
По отворањето на манифестацијата златарот Ирфан Буши од Скопје доби признание за успешен занаетчија од Министерството за економија, а додека пак, на слаткарката Марија Зафировска од Куманово и беше врачена наградата занаетчија на годината од страна на занаетчиската комора.