Непроменети трошоците на живот во октомври

35

Трошоците на животот во октомври 2015 година, во однос на претходниот месец, останаа на исто ниво, а кај цените на мало има намалување од 0,2%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Индексот на трошоците на животот во октомври 2015 година е на исто ниво како и претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите. Пораст е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,3%, конзервираната риба за 1,1%, тестенините и другите неспоменати прехранбени производи за 1%, мастите и маснотиите за 0,9%, свежото млеко за 0,4%, преработките од млеко за 0,3%, месото и полутрајните колбасичарски производи за 0,2%.

Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот во октомври 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај обувките за 4%, цврстите горива и мебелот за 3%, гасот за домаќинствата и течните горива за домаќинствата за 2,6%, лековите за 2,1%, туристичките пакет -аранжмани за 1,9%, накитот и часовниците за 0,7%, друго образование за 0,6%, течните горива и мазива за 0,4%, услугите за одржување и поправки на станот за 0,3%.

Намалување на индексите е забележано кај свежото овошје за 8,7%, свежиот зеленчук за 0,8% и сувото овошје за 0,5%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано кај авионскиот превоз на патници за 11,4%, велосипедите за 1,6%, облеката за 0,9%, средствата за чистење и одржување на станот за 0,7%, информатичката опрема за 0,6%, материјали за одржување и поправки на станот за 0,5%.
Индексот на трошоците на животот во октомври 2015 година, во споредба со октомври 2014 година, бележи намалување за 0,5%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 1,2%.